„Протестите пред МВР на кои во најголем дел учествуваат службеници од државните институции и јавните претпријатија се уште еден доказ за партизираноста на институциите во функција на заштита на криминалот сторен од поединци или злосторничко здружение. Протестите на прв поглед се однесуваат на изградбата на крстот, а всушност се директен притисок врз МВР да не асистира во акциите на СЈО за справување со криминалот.
Раководните лица имаат обврска и одговорност да го спречат учеството на службеници кои со овие протести имаат за цел ослабување на решителноста на МВР да се справи со криминалот во државата. Службениците кои се предмет на притисок од претпоставените за да одат на овие протести треба да пријават мобинг, а сите институции и организации треба да им помогнат во нивното спротивставување и докажување!
Функционерите кои вршат притисоци за излегување на протести на кои се протестира против други институции треба да сносат и кривична одговорност. Фашистичките симболи кој се појавија на мегафоните се уште еден доказ дека протестите се вештачки, со неприродна мотивација и дека поставувањето на темелите на крстот, за жал им е само изговор! Фродем остро ја осудува ваквата симболика која предизвикува морници кај секој нормален човек!
Фродем апелира до членството на ВМРО-ДПМНЕ да не дозволи да биде заложник на неодговорното и криминализирано раководство. Обвинетите Јанакиески и Јанкулоска не треба да се затскриваат зад партијата и преку јавноста да вршат притисоци за попречување на правдата и да вршат притисок врз судството и обвинителството. Разумното членство на партијата со право треба да се огради од ваквите неморални активности.
Никој не и крив на Јанкулоска што од кабинетот во МВР направила партиски штаб, што нашите сонародници од Пустец ги нарекува човечиња, што правела списоци за освета и слично. Секој што ќе се стави во одбрана на ваквите постапки се става во функција на нечовечко и незаконско однесување. Однесувањето на Јанкулоска и Јанакиески е резултат на нивната незрелост, како и од личната потреба за неприродно истакнување на својата позиција и командување по секоја цена. Дури и по цена на тешки злоупотреби.
Фродем го повикува членството да не подлегнува на било какви сценарија и активности за препокривање на криминалот на поединци во партијата, без оглед на какви позиции се наоѓаат! Треба да се сочува достоинството, а партијата внатрепартиски да се престрои и да расчисти со криминалците во своите редови се со цел победа на следните демократски и фер избори. Сите други постапки само ќе водат кон пролонгирање на неопходните промени и одржување на агонијата и заложништвото во кое е ставена партијата. Од фамилијата партијата треба да се врати на членството“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.