Скопската фризерница „В.Е.З. трејд“ немала да го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. „А1он“ дојде до документот според кој четири организации имале повеќе бодови од фризерницата. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуационата комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Кај одбиената организација е констатирано дека има судир на интереси, а претседателката веќе има поднесено тужба до Управниот суд, но и жалба до Брисел. Сличен конфликт на интереси има и кај сопственикот на „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, но сепак тој добил грант од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Според ранг-листата до која дојде „А1он“, од првото и второто место на резервната листа се преместени здружението на граѓани „Платформа за зелен развој“ со 83 бода и Бизнис-конфедерацијата на Македонија со 82 бода. Според извори на „А1он“, одлуката за да не се финансираат двете организации е поради големите буџети што ги имале иако претходно било направено и кратење. Финансиран е треторангираниот апликант, средното училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, на кое му се одобрени 125.068 евра, а побарани биле 135.935 евра. Училиштето добило грант за проектот „Избери сирење – резултат“, кој, според описот, има цел да поттикне производство на сирење од мал обем преку обезбедување обуки и активности за развој на производи. Доколку се финансирале проекти според ранг-листата, буџетот од 448.742 евра ќе бил потрошен со доделувањето грантови на првите три организации.
Организација одбиена поради судир на интереси: поднесовме тужба до Управниот суд и го известивме Брисел
Поради судир на интереси, евалуационата комисија донела одлука да не му се доделува грант на проект на младинската организација ЕАСП од Скопје иако тој имал 80 бода. За ова поднесена е тужба до Управниот суд, но и жалба до Брисел бидејќи станува збор за распределба на европски фондови. Според извори на „А1он“, организацијата била одбиена бидејќи вработена во Националната агенција пријавија конфликт на интереси поради тоа што во минатото била ангажирана да работи на проект. Одлуката била донесена иако вработената не учествувала во процесот на доделување грант во Националната агенција.
Претседателката на ЕАСП, Наташа Јованоска, за „А1он“ вели дека организацијата со која раководи нема судир на интереси со Националната агенција. Таа вели дека за случајот е известен и Брисел.
„Имаме тужба во Управен суд во согласност со правната поука што ни беше дадена во самото решение. Во самото решение стои дека сме одбиени поради постоење конфликт на интереси, без да го цитираат лицето за кое нè водат дека има конфликт на интереси. Тие само ставаат линк од веб-страницата, која е стара и не ја користиме, со тоа лице. Никакво друго објаснување не сакаа да дадат, се обраќавме по имејл, не добивавме повратно никаков одговор. За да си го задржиме правниот рок, постапивме според она што стои во решението. Се надевам дека постојат правна држава, суд и судство, се надевам дека ќе имаме позитивен исход“, вели Јованоска.
Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која порано работеле на проекти на „Еразмус“
И името на сопственикот на „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти што добиле грантови од „Еразмус+“. Но, евалуационата комисија не го одбила неговиот проект, како што е случај претходно. „В.Е.З. трејд“ била оценета со 78 бода од евалуаторите, а евалуационата комисија се согласила таа да добие грант, па, така, без кратење на буџетот, доделени се 62.235 евра за проектот „Бура од иновации – претприемачки предизвици“.
При одлучувањето не влијаело тоа што Маја Колекеска, програмски службеник за стручно образование и обука за стратешки партнерства и ЕКВЕТ во Националната агенција, претходно работела на проекти од „Еразмус“ во училиштето „Арсениј Јовков“ заедно со Златковски. Колекеска се вработува во Националната агенција во 2018 година по доаѓањето на директорката Лидија Димова. Истата година Златковски го добива првиот проект преку „В.Е.З. трејд“. Пред тоа таа му била колешка на Златковски во училиштето. Преку алатката „Отворени финансии“ може да се види дека во 2017 година на двајцата им биле исплаќани средства од сметката за проектот што ја има отворено училиштето.
Задолженијата на Колекеска како програмски службеник за стручно образование е да изработува договори со фирмите штпо добиле грантови, меѓу кои е и „В.Е.З. трејд“ на нејзиниот поранешен колега. На овој начин таа е вклучена во процесот за доделување грант. „А1он“ дојде и до фотографија од системот на Брисел, каде што се гледа дека корисник со име „Маја“ ја одобрила апликацијата на „В.Е.З. трејд“. Маја Колекеска е впишана и како изработувач на ранг-листата од програмата „202“ во документот до кој дојде „А1он“. За заедничката работа на Колекеска и Златковски додека биле дел од „Арсениј Јовков“ говорат и фотографиите што јавно се објавени на социјалните мрежи и веб-страниците на некои од партнерските организации.
Правилникот за работа на национални агенции во делот конфликт на интереси се повикува на Финансиската регулатива на Брисел, а во неа стои: „Конфликт на интерес постои кога непристрастното и објективно извршување на функциите е компромитирано од причини како семеен, емоционален живот, политички или национални интереси, економски интерес или друг директен или индиректен личен интерес“.
Колекеска: Сум била учесник во проекти заедно со Златковски
Вработената во Националната агенција, Маја Колекеска, која истовремено е и поранешна колешка на Зоран Златковски, а заедно учествувале во проекти, вели дека нема конфликт на интереси. Таа потврдува дека учествувала во проекти со него преку училиштето во кое работеле. Колекеска не се сеќава дека валидирала апликација на „В.Е.З. трејд“, но потенцира дека во декларацијата за конфликт на интереси навела оти има учествувано во проекти од училиштето во кое работела.
„Јас сум работела во училиштето и сум била учесник на проекти. Се случувало да учествуваме и заедно. Но, јас не сум работела на координативни активности на ниту еден проект, туку сум била само учесник по претходно пријавување на транспарентно објавен оглас внатре во рамките на училиштето. Сум пријавила дека сум учествувала на проекти преку училиштето, но никој не бара од мене да ги пријавувам и другите учесници. Пред да аплицираат јас не валидирав организации. Валидации правам, но не знам дали сум валидирала и апликација од ‘В.Е.З. трејд’, не се сеќавам во моментот. Нема конфликт на интереси, а вие имате ваши тенденции со прашањата. Нема корелација во двата случаја каква што правите. Не чувствувам потреба понатаму да одговарам на вашите прашања“, вели Маја Колекеска, програмски службеник за стручно образование и обука за стратешки партнерства и ЕКВЕТ.
Молк од Димова и Златковски
„А1он“ стапи во контакт и со сопственикот на „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски, но тој до објавување на истражувањето не одговори на нашите прашања. Златковски е прашан во колку проекти, чиј координатор е тој, учествувала неговата поранешна колешка Колекеска, како и кој одлучувал за нејзино учество. Нема одговор ниту која функција ја имала Колекеска во проектите.
Молк и од директорката Лидија Димова, која вторпат по ред не одговара на нашите прашања. Од неа побаравме став каков конфликт на интереси е констатиран кај организацијата ЕАСП, која е одбиена за добивање грант, дали Колекеска има декларирано конфликт на интереси, но и дали е исклучена од постапката за доделување грант. Димова не одговара ниту зошто кај „В.Е.З. трејд“ не е увиден конфликт на интерес при доделување на грантовите.
Одлуката на евалуационата комисија влијаела и на тоа да се финансираат проекти на Фондацијата „Никола Кљусев“ и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, кои одделно биле оценети со по 76 бода. На Фондацијата ѝ се одобрени 70.640 евра за развој на партнерства меѓу организациите што учествуваат во проектот за потоа да се воспостави и соработка со училиштата и компаниите во нивните земји. Крајната цел е да се подготват и испратат студенти за стручно образование за практични пласмани во компании каде што би можеле да имаат учење базирано на работа. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побарал 165.271 евро, а добил 137.246 евра за проект „Унапредување на машинското учење во стручното образование“. Според резимето, крајната цел на проектот е да ги подобри можностите на студентите и да ги обликува да бидат идни лидери на пазарот на вработување во ML-индустријата.
„А1он“ испрати официјално барање до Националната агенција за европски програми и мобилност за да ни се достават сите ранг-листи и записници од евалуационата комисија. Но, досега одговор не добивме.