Фратини за Македонија – невозможно е европска држава да остане надвор од ЕУ и НАТО

Од:

Поранешниот еврокомесар и шеф на италијанската дипломатија Франко Франтини изрази поддршка за продолжување на проширувањето на Европската унија и НАТО, додавајќи, сепак дека нема многу политичари во Европа кои стојат на оваа позиција. Фратини, кој вчера зборуваше во универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон, е сериозен кандидат за нов генерален секретар на НАТО, по истекот на мандатот на Андерс Фог Расмусен во 2014 година.

– Поради кризата, но само поради кризата, низ Европа се прошири чувство на замор од проширувањето, на Европската унија и на НАТО. Моите пријатели во Македонија тоа добро го знаат. Јас останувам убеден дека проширувањето претставува додадена вредност за Европа. Не можам да негирам дека постои чувство на замор од проширување, и тоа чувство ќе трае уште одредено време, нема да исчезне преку ноќ. Пoлитичарите и водачите во Европа и во НАТО треба да им објаснат на своите граѓани дека во многу глобализиран и меѓусебно поврзан свет, едноставно не е возможно да се остави одредена земја, која географски е целосно европска земја, надвор од вратата. Мислам на вашата земја, на другите земји во Европа, мислам и на Турција. Тоа е мое мислење, останувам убеден во тоа, и тоа се однесува и на НАТО. Ако зборуваме за проширувањето на НАТО, вашата земја или земјите на Кавказот како Грузија, мораат да ги исполнат обврските, како што се обврските за владеење на правото или за улогата на судството. Но, штом ги исполнивте условите, јас сум против држење на вратите затворени. Сепак, јас сум во малцинство со ваквото мислење во овој момент, изјави Фратини, на прашањето кои се неговите очекувања за иднината на процесот на проширување на НАТО и на Европската Унија.

Фратини зборуваше за неодамнешните италијански парламентарни избори и политичката криза во оваа земја, во универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, каде беше најавен како италијански кандидат да застане на чело на НАТО по истекот на мандатот на Расмусен во летото 2014 година. Во своето обраќање, тој оцени дека благодарение на проширувањето на НАТО и на ЕУ, новите членки спровеле значителни реформи во областа на внатрешните работи, правдата и борбата против корупцијата и ги повика европските политичари да им објаснуваат на своите граѓани кои биле предностите и придобивките на оваа политика. За себе кажа дека како евро-комесар за правда, честопати работел и во интерес на државите кандидатки, свесен за значењето на процесот на интеграции.

Во своето обраќање, Фратини оцени дека изборите во Италија, во кои половина од граѓаните се воздржаа од гласање или гласаа за контроверзната партија на Бепе Грило, се показател дека мора да се забрзаат политичките реформи и борбата против корупцијата. Според Фратини, повикот на Грило за референдум за излегување од евро-зоната би бил катастрофа за Италија и би значел преку ноќ распаѓање на европската монетарна унија, и би довел и до драстично губење на вредноста на заштедите на италијанските граѓани.

– Сега освоија 25 проценти од гласовите. Мораме да реагираме веднаш, да не се случи на следните избори да добијат уште 25 проценти, изјави Фратини за партијата Движење од пет ѕвездички на Бепе Грило.

Би можело да ве интересира

Москва: Вежбите се доказ дека НАТО се подготвува за можна војна со Русија

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО