Инструктори од организацијата „Флоријан“ од Франција од 22 јуни ќе обучуваат 40-тина спасители на вода, информира денеска претседателот на Црвениот крст – Охрид, Сашо Точков.
Обуката ќе се состои во нови техники на спасување, извлекување давеници од чамец и прва помош, која инструкторите од „Флоријан“ ќе ја даваат на територијалните противпожарни единици од Охрид и Струга, на припадниците на Езерската и Граничната полиција и на дел од спасителите и инструкторите на Црвениот крст – Охрид.
Од 2005 до 2010 година, откако почна со спасувањето на вода во Црвен крст – Охрид, Точков забележа дека имале бројни интервенции, но и доста давеници, кои не ги почитувале прописите и препораките за однесување на капалиштата.
– Излегуваа надвор од обележениот простор, се возеа реквизити, користеа технички не исправни педалинки и сето тоа беше со фатални последици. Веќе три години имаме голем број интервенции над 25 секое лето на охридското и струшкото крајбрежје, но немаме ниту еден фатален исход, ниту еден давеник. Се надевам дека така ќе биде и оваа година, нагласи Точков.
Упати апел до концесионерите да ги преземат сите активности кои се законски регулирани за обезбедување на сите безбедни услови за функционирање на капалиштата, однбосно капачите да се чуствуваат безбедно и да створат услови за работа на спасителите на вода.
– Апелирам и до сите туристи, посетители и капачи во Охридското Езеро да ги видат своите капацитети, можности и знаења во пливање и колку што им дозволуваат можностите, толку и да се опуштат, односно да ги користат благодетите на Охридското Езеро, да не дојдеме до ситуации со фатални последици, рече Точков.
Информира дека со дел од концесионерите на капалиштата имаат потпишано договори и почнале со обезбедување на сите неопходни услови, кои се законски пропишани за обезбедување и обележување на капалиштата, но оти поголемиот дел уште не реагирале на апелите на Црвениот ксрт, за од 1 јули подготвени да ги прифатат туристите и капачите на Охридското Езеро.
– Пред се мислам на обележување на плажите, поставувањето набљудувачници и секако на обележување и обезбедување на пунктовите за укажување прва помош и деловите каде што треба да интервенираат спасителите. Нашите служби и со опрема и со кадар се веќе подготвени. Спасителите се во полна кондиција и се подготвени да излезат во пресрет на сите барања на концесионерите, нагласи Точков.
Според него, Црвениот крст е единствена организација, што со закон е одредена да оспособува кадри за безбедност на вода и да организира безбедност на вода и спасување во туристичките региони.
– Концесионерите да не подлежат на никакви провокации. Тоа единствено во Република Македонија го прави Црвенито крст зашто е единствена членка на Меѓународната асоцијација за безбедност на вода, појасни Точков.
Црвениот крст – Охрид на 28 јуни ќе биде домаќини на спасители на вода од Црвениот крст од Бамберг, Германија, со кој интензивно соработува.
– Со нив ќе имаме заеднички активности во делот на безбедност на вода и на планина и во делот на прва помош. Со нив и со сите субјекти кои се надлежни да делуваат во ситуации на несреќи во Охридското Езеро и на капалиштата ќе имаме показна вежба што ќе се одвива на крајот од јуни, со цел да се подигне нивото на комуникација на сите надлежни и во насока на подготвреност за делување, изјави претседателот на Цревниот крст во Охрид.
Два тима на спасители на вода од овој Црвениот крст со комплетна опрема го обезбедуваат Светскиот куп за акробатски параглајдеризам, што до недела се одржува во Поградец, Република Албанија.
– Нашите тимови вчера имаа успешна интервенција на активен давеник. Спасија 12-годишно момче кое беше во публиката и го набљудуваше овој натпревар на педалинка. Се се заврши добро, без никакви потрајни здравствени последици. Нашите тимови уште еднаш покажаа дека се подготвени да интервенираат и реакциите од организаторите се навистина многу позитивни. Токму затоа планираат следното Светско првенство да го организираат повторно над водите на Охридското Езеро, но од македонска страна, додаде Точков.