Гаранциите за независност на судството и како тоа да се постигне се темите на кои француските експерти ќе го пренесат своето искуство на македонските судии во рамки на дводневната конференција што денеска почна во Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија во рамки на тригодишниот проект за македонско-француска билатерална соработка.
– За да се постигне независно судство потребно е да се почне со размислување уште од самото вработување, но и во сите фази на професионален напредок на судиите во рамки на институциите, рече француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер која присуствуваше на отворањето на конференцијата.
Таа додаде дека да се создаде и да се одржува правна држава е клуч за нејзиниот успех, и затоа, како што истакна, потребно е да се работи со сите институции засегнати од ова прашање.
Со вакиот став се согласува и Гвенола Жоли, која е еден од француските експерти што ќе го споделуваат своето искуство со претставниците на македонската судска власт.
– Независноста на судството е значајно прашање за секоја институција, но и за секоја правна држава. Независноста на судството е пред се принципиелно прашање, но и секојдневна акција во која судиите секојдневно учат како да бидат независни, рече Оер.
Додаде дека практицирањето на независносто судство е нешто што се учи цело време и оти сите учесници треба да се обидуваат тоа да биде автономно и независно и од законодавната и од судската власт.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија Анета Арнаудовска истакна дека присутните експерти од Франција се луѓе со професионално искуство, кои работеле и како судии и како претседатели на судови и како членови на генералната инспекција на судските служби на Франција.
Тие, рече, ќе ги пренесат нивните искуства во поглед на механизмите за гранција на независноста преку надлежностите на судскиот совет на Франција.
– Особено е значајна една специфика која ја има Франција, а ја немаме ние во Република Македонија, а тоа е генералниот инспекторат за судски служби кој го контролира внатрешното работење на судовите, врши координација на претседателите на судовите, а дури можат да вршат и административни истраги во врска со проблеми во личното и професионалното однесување на судиите, рече Арнаудовска.
Учесници на конференцијата се претседатели на судовите, членовите на судскиот совет, на судско буџетскиот совет, односно луѓе кои, како што рече Арнаудова, се занимаваат со администрирање на судството во Македонија.
Конференцијата е резултат на успешно воспоставената билатерална соработка со Амбасадата на Република Франција во Македонија и на потпишаниот Меморандум за соработката меѓу Академијата и француската Амбасада.
Експерти од Генералниот инспекторат за судски услуги на Република Франција ќе бидат во тридневна посета. Согласно агендата, треба да остварат и работни посети на Врховниот суд, Судскиот совет и Министерството за правда на Република Македонија.