По 55 години Основното Училиште “Гоце Делчев“ во Општина Центар доби нова, современа спортска сала. Салата ја отворија градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски и директорката на основното училиште Камелија Симоновска.
На отворањето беа и ученици, родители, актуелни и поранешни советници во општината, претставници од бирото за развој на образованието, но она што ги одушеви децата беше присуството на нашите врвни спортисти – ракометарите меѓу кои и капитенот на македонската ракометна репрезентација Ванчо Димовски, но и познатите Ренато Вугринец и Дејан Манасков.
Тука беа и поранешните ѕвезди Андријана Будимир, Јулија Николќ и Наталија Тодоровска. Во малите, детски училишни столчиња седнаа и кошаркарските репрезентативци и играчи на КК Работнички – Владимир Брчков и Дарко Соколов.
Поздравувајќи ги, градоначалникот Жерновски посочи дека некои сонови траат еден ден, некои една ноќ, некои со недели, а сонот на неговата генерација бил во ова училиште, каде што и тој учел, да има спортска сала. Ова, рече Жерновски, беше сон на 55 генерации.
“Овој сон денеска стана реалност. Нашиот сон стана реалност за сегашната генерација. Училиштето по цели 55 години доби спортска сала“, рече Жернвоски.
Посочи дека при неговото доаѓање како градоначалник прво се заинтересирал за изградбата на новата спортска сала. Проблемите брзо се решавале и децата денеска можат да спортуваат во современ објект.
“Спортската сала немаше да постои доколку не беше претходниот градоначалник, претходниот совет и директор. На сите од се срце им се заблагодарувам, наше беше само да го продолжиме тоа што тие го започнаа. И ќе ја цитирам мислата на Гоце Делчев која модифицирана за ова гласи: Гоце, ние денес добивме и поле за спортски натпревар! “, изјави Жерновски.