Во повеќе градови низ Република Македонија денеска на протест се кренаа средношколците. И струшките средношколци преку протест се спротивставија на лошите реформи во образованието.
Средношколскиот пленум во Струга денеска организираше протестен марш по повод воведувањето на математика како задолжителен предмет на државна матура и воведување на електронски начин на полагање на истата.
Од мостот во струшката чаршија, преку кејот на реката „Црн Дрим“ до мостот на поезијата и низ струшката чаршија, средношколците порачаа дека нема повеќе да молчат и дека ќе се спротивстават на, како што рекоа, лошите реформи.
Бараме математика да не е задолжителен предмет во матурата, односно бараме да се воведе стариот начин на полагање на матура и целосно да се укине екстерното тестирање – порачаа струшките средношколци.
Тие додадоа дека сами се организирале и дека денеска на протестот присуствуваа средношколци од сите учебни години и од сите националности.
Ф.Ј.