Симболично, на 70-годишнината од ослободувањето на Скопје, општина Центар, во знак на почит и благодарност за се’ што направија за градот и општината, го отвори третиот по ред клуб на пензионери.
Тие добија нов, современ простор за другарување и забава.
Павле Спасов, претседателот на Здружението на пензионерите на општина Центар се заблагодари за грижата која општината и градоначалникот Андреј Жерновски ја посветуваат на пензионерите.
„Ова ќе биде место за да се дружиме и рекреираме. Досега, општината отвори три клуба, а во наредната година се договоривме да бидат отворени уште два клуба за нас“, рече Павле Спасов.
Градоначалникот Жерновски им го честиташе денот на ослободување на Скопје.
„Вие имате најголема заслуга, затоа што доколку не бевте Вие, немаше да ја имаме оваа сегашност. Со ова покажуваме дека општината особено внимание посветува на возрасните, но во исто време, нашето внимание е насочено и кон најмладите. Ќе доаѓаме често овде за да ни’ дадете часови по шах и табла. Вашата енергија многу ни’ значи“, рече Жерновски.
Жерновски присуствуваше и на патрониот празник на центарската градинка „13-ти ноември“.
Децата тука ги прават првите сознанија за светот, тука се првите пријателства и првите поуки за хуманост.
Градоначалникот Жерновски, заедно со советниците од Советот на општина Центар положија свежо цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје, по повод 70 години слободно Скопје.