На улицата „Народен Фронт“, градот Скопје ги копа тротоарите за поставување на громобранска инсталација за осветлувањето.
По жалбите на граѓаните на дупките и на неможноста да се движат нормално, општина Центар ги повика надлежните од Град Скопје и им укажа дека Советот на општина Центар усвои правилник за уредување на постапката и условите за издавање согласност за прекопи.
Според правилникот, поединци – инвеститори не може да копаат и прекопуваат по улиците без согласност од општината.
Согласно правилникот, на надлежните од Град Скопје им е укажано дека јавната површина мораат да ја вратат во првобитна состојба.
Град Скопје се обврза санацијата да ја изврши според сите стандарди, но и да ги задоволи и барањата од правилникот на општина Центар за улиците и тротоарите кои што се во нејзина надлежност.
Градската инспекција ќе ги следи градежните работи, а градот е должен во рок од 15 – 20 дена да ја санира состојбата.
Граѓаните на Центар се жалеа и на дупката која што се наоѓа на потегот од улицата Народен Фронт према улицата Васил Ѓоргов, направена од ЈП Водовод и Канализација. Во текот на вчерашниот ден повикани се надлежните од ова претпријатие и укажано им е дека дупката треба да биде затворена а улицата вратена во првобитна состојба.
Од ЈП Водовод и канализација, се жалеа на одлуката бидејќи таа ќе значи оптоварување на нивниот буџет.
Согласно правилникот, нема да биде дозволено како досега, по завршување на работата да се оставаат несанирани дупки или прекриени и закамуфлирани со малку песок. Инвеститорот ќе биде должен јавната површина да ја врати во првобитната состојба.
За новите улици со старост до 5 години се испитува можноста да се избегнат прекопите, со тоа што приклучокот би се извел со подземно бушење. Доколку ова е технички неизводливо, по прекопот улицата мора да се санира со тоа што ќе се врати во првобитна состојба минимум по 20 метри од левата и десната страна на прекопот по цела ширина на улицата.
На улиците со старост од 5 – 10 години враќањето во првобитната состојба е минимум 15 метри, а за оние со старост до 15 години ќе биде неопходно враќање во првобитна состојба по 10 метри од лева и од десна страна и за оние над 15 годишна старост – минимумот е 5 метри.
Доколку се прекопува тротоар тогаш инвеститорот ќе биде должен да го врати во првобитна состојба по цела ширина, а во должина – 10 метри лево и десно од прекопот.
Надоместот за поставување, реконструкција на инсталации во трупот на патот и патниот појас на улиците и тротоарите во надлежност на општина Центар изнесува 8% со вклучен ДДВ од вредноста на изградените градежни работи.
Инвеститорот или барателот за да добие одобрение за вршење прекоп треба да поднесе барање со детална пресметка за градежната работа, точната адреса, должината на прекопот, времетраење на градежните активности и потребен период за санација, но не подолг од 10 дена.
Инвеститорот и барателот мора да достават банкова гаранција во износ од 150% од пресметаната вредност потребна за санација.