Во пресрет на одбележувањето на Денот на победата над фашизмот 9-ти мај, поголем дел од спомениците на народните херои и паднатите борци од Гевгелија и Гевгелиско во текот на Народноослободителната борба, кои се лоцирани надвор од централното градско подрачје, оставени се на забот на времето.
Импозантниот споменик „Цветот на слободата“ на Мрзенски рид е фрапантен пример за несоодветниот третман на заедницата кон настаните и кон споменот на Народноослободителната борба и втемелените животи на 95 борци од Гевгелиската околија кои се придружиле на антифашистичкото движење и станале дел од првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“ формиран на Кожув планина 1943 година.
Спомениците на најмладите партизанските жртви, кои загинале во борбата со фашистичкиот окупатор – Васо Карајанот, Таља Бикова, Алеко Ќаев, Деко Ковачев се, исто така, запуштени.
Општинскиот одбор на Сојузот на борците на Македонија за Гевгелија има поднесено иницијатива до Општината за дислокација на овие споменици на едно место, како Парк на слободата, со цел да бидат заштитени од сегашната негрижа на претпријатијата на чие земјиште се лоцирани и, секако, од несоодветниот третман од севкупната заедница.
„Имаме одговор дека ќе биде поддржана нашата иницијатива, но конкретен проект како тоа ќе биде изведено, на која локација ќе се дислоцираат, колку средства ќе бидат потребни за таквиот проект и кога ќе биде тоа остварено, немаме конкретен одговор“, вели Ристо Марковски, претседател на Општинскиот одбор на Сојузот на борците за Гевгелија.
Засега соработката со Општината е само на планот на одбележувањето на јубилејни настани и личности од поблиската и подалечната историја, за кои Општината издвојува симболични буџетски средства. Минатата година биле одобрени 105.000 денари за таквите одбележувања, но биле исплатени помалку од половината. Годинава Сојузот е вклучен во програмата за финансирање на здруженија на граѓани со 110.000 денари, но нема вкалкулирано посебна ставка за одржување на спомениците од времето на НОБ, истакнува Марковски.
„Споменикот на Мрзенски рид е во жалосна состојба. Тој е дислоциран од Вардарски на Мрзенски рид поради изградбата на автопатот Е-75, кој води кон граничниот премин Богородица, и поради ископувањата на локалитетот на Вардарски рид. Со согласност на авторот е дислоциран на Мрзенски рид, со ветување, кое е содржано во проектот за дислокација, дека новиот простор ќе прерасне во рекреативен центар со патеки, паркови, зеленило, со осветлен пат до него. Но, ништо од тоа не е реализирано. За жал, од споменикот остана само металниот костур. Ова е резултат на односот на власта кон НОБ и пкон ридобивките на АСНОМ-скиот период за втемелувањето на македонската држава, нација, народ и јазик. Вака не смее да остане, ниту споменикот, ниту актуелната негација на придобивките на генерацијата наши сограѓани што ги втемелија своите животи за иднината на нашата земја“, истакнува Ристо Марковски, кој и самиот е носител на Медал за воени заслуги доделен од Канцеларијата за ордени при Претседателот на СФРЈ од 1964 година.
Утре се навршуваат 68 години од победата над фашизмот. Борците и нивните поддржувачи ќе положат цвеќе пред Спомен-костурницата на паднатите борци во центарот на градот. Општината со пригодна програма ќе го одбележува Денот на Европа. И покрај општата прослава на Денот на Европа, во општинската програма по повод одбележувањата на 9-ти мај не се вклучени одбележувањата на боречката организација.
А.Д.