Со почетокот на проширувањето и изградбата на пешачката патека во близина на мостот кај каналот Студенчишта е означен почетокот на згаснувањето на едно од најголемите природни богатства на Охрид, Студенчишкото блато. Градежните активности кои започнаа деновиве го вклучија црвеното светло кај граѓаните.
Во Охрид формирана е граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ за заштита на животната средина и културното наследство во Охрид и околу Охридското Езеро. Тие на вчерашната јавна расправа за измените на Генералниот урбанистички план истакнаа дека Студенчишкото блато е реткост и дека по секоја цена мора да се заштити.
Нашиот став е блатниот систем е реткост поврзан со езерото и ние како граѓани на Охрид треба да сториме се за ова да биде заштитена зона и да остане заштитена зона – рекоа од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ прашувајќи која е потребата од проширување на пешачката патеката после каналот.
Деновиве започнаа градежните активности за реконструкција и проширување на пешачката патека. Градоначалникот Бакрачески во последното излагање пред јавноста иронично рече дека патека во овој момент постоела, заборавајќи дека сегашната патека е со широчина од околу три метри, а по реконструкцијата истата ќе изнесува дванаесет. И тоа токму ќе биде проширена во просторот кон срцето на Студенчишкото блато. Градежната механизација започна со отстранување на дел од дрвјата и со припрема на теренот за реконструкција.
Општина Охрид во неколку наврати даде до знаење дека Студенчишкото блато најверојатно нема да преживее. Губењето на германските средства за заштита на блатото, измените во Генералниот урбанистички план, почетокот на реконструкцијата на пешачката патека се само дел од индикациите кои локалната власт ги упати во јавноста околу судбината на ова природно богатство.
Во изборната кампања, од последните локални избори во 2013 година, во програмата на ВМРО – ДПМНЕ и на сегашниот градоначалник Никола Бакрачески стоеше проект за заштита на останатиот дел од Студенчишкото блато. Во тој проект се прецизираше дека Охрид мора да ги зачува своите природни реткости, а дека останатиот дел од блатото претставува природниот филтер на Охридското Езеро.
Од партијата потенцираа дека откако ќе ја преземат локалната власт ќе застанат зад иницијативата за прогласување на ова подрачје за строго заштитена зона и ќе придонесат ко негова туристичка промоција во светот. Почетокот на изградбата на патеката е најверојатно првиот чекот за прогласување на оваа зона како строго заштитена.
Ф.Ј.