Деца од шест општини од Република Македонија денеска, во Охрид беа дел од проектот „Спортски бон тон“ каде учеа за традицијата и подзаборавените спортски дисциплини. Покровител на овој проект е претседателот на Република Македонија кој нагласи дека преку овој настан децата се потсетуваат на игрите на нивните родители и нивните предци.
Од реакциите што ги гледаме кај децата, навистина им годи да се потсетуваат на игрите на нивните родители и на нивните предци и да откриваат во секој град што го посетуваат која е специфична игра за тој град. Тоа е еден вид учење, другарување, запознавање меѓу себе, запознавање на децата, меѓутоа и запознавање на градовите кои ги посетуваат бидејќи во секој град домаќините подготвуваат и програма за да го покажат она што е нивна специфичност – рече Иванов кој денеска присуствуваше на манифестацијата во Охрид.
Спортскиот работник Иван Атанасоски кој е дел од организациониот одбор додаде дека целта е да се даде легенда на сите традиционални игри кои се подзаборавени во нашата држава.
Ќе направиме сериозни напори, сето ова што го гледате тука да го публикуваме на еден најквалитетен начин, да дадеме легенда за сите тие традиционални игри кои се подзаборавени во нашата држава зашто според мене, традицијата е таа која ќе не’ одржува во тој глобален свет ипо која ќе не распознаваат од другите. Ние како организатори би биле најзадоволни ако таа публикација по завршувањето на проектот биде дисперзирана во сите општини, не само во општините кои се учеснички во проектот. Децата достигнаа одреден стадиум за тоа какви традиции имало на ова тло – додаде Атанасоски.
Целта на целиот проект е да се промовира спортскиот бон тон како моде на интегрирање н децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавање на нивните традиции, култури и обичаи. Главната порака на „Спортскиот бон тон“ е враќање на вистинските вредности на детството, социјализација на младите преку разни традиционални спортски игри кои во новото време се заборавени.
Ф.Ј.