Општина Центар ги награди најдобрите негуватели и воспитувачи од градинките на територија на општината.
„Со ова, за прв пат една скопска општина го вреднува трудот и ангажманот на оние кои ги воспитуваат децата и кои им помагаат да ги направат првите чекори во осознавањето на светот околу нив.
Влијанието на воспитувачите во голема мера го трасира патот на најмладите, нивната перцепција за нештата, нивните интереси, првите животни поуки, за пријателството, за споделувањето на љубовта и за одговорноста. Ова е почеток кој ќе стане традиција“, велат од Општина Центар.
Општина Центар, рече градоначалникот Андреј Жерновски, сака да ги награди и стимулира негувателите и воспитувачите да продолжат со посветената работа, да ги згрижуваат и воспитуваат најмладите и да им понудат најквалитетно предучилишно образование.
„Негувателите и воспитувачите се грижат за нашите деца, кои кога ќе пораснат – ќе осознаат колку биле важни првите чекори и градинката. Затоа и ја покренуваме оваа иницијатива која ќе стане традиција – да ги наградиме и да им оддадеме признание на оние кои им посветуваат најмногу љубов и внимание на децата. Општина Центар. Ова е едно големо богатство за децата, а општина Центар секогаш ќе посветува најголемо внимание на градинките“, рече градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.
Денеска пофалници и парични награди добија 11 негуватели и 11 воспитувачи.