Јохан Тарчуловски, по осум години поминати во затвор, попладнево се врати во Македонија. Веднаш по пристигнувањето со владиниот авион на скопскиот аеродром „Александар Велики“ го пречекаa неговите деца и премиерот Никола Груевски.
На аеродромот се членови на неговото семејство, пријатели и поддржувачи, владини министри, пратеници, како и голем број граѓани кои дојдоа лично да го поздрават и да му посакаат добредојде.
Здружението за поддршка на Јохан обезбеди 50 автобуси кои бесплатно сообраќаат до скопскиот аеродром „Александар Велики“ и потоа до плоштадот „Македонија“, како и 200 автобуси за оние граѓани од внатрешноста на државата кои сакаа да дојдат и да го пречекаат Тарчуловски.
По пречекот на скопскиот аеродром, предвидено е Јохан околу 15:45 часот да има средба со премиерот Никола Груевски и да положи цвеќе пред Споменикот на бранителите кој се наоѓа во близина на Порта Македонија.
На плоштадот „Македонија“ во 16:30 часот ќе биде организирана и прослава во чест на враќањето на Тарчуловски на која ќе настапат познати пејачи од македонската забавна и фолк естрада.
Јохан Тарчуловски вчера беше ослободен од германскиот затвор во Диц откако издржа две третини од 12-годишната затворската казна што му ја изрече Хашкиот трибуналот за воени злосторства за случувањата во скопското село Љуботен.