Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски синоќа ги ислуша проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите на населбата Кале.
Се пожалија на комунални проблеми, бараат нова урбана опрема, нивните деца да имаат услови за играње како сите деца во градот, зеленило, игралиште, средување на улиците и осветлување и посочија дека секогаш политичарите доаѓале само за избори, им ветувале и си заминувале.
Еден од главните проблеми, како што рекоа граѓаните на Кале, е легализацијата и за ова е договорена средба со општинската администрација во просториите на Општина Центар.
Градоначалникот Жерновски им вети дека нема да доаѓа само на четири години, туку редовно.
„Суштината на локалната самоуправа е нашата општина заеднички да ја чуваме. Ние сме избрани од вас и Вие не’ плаќате. Јас овде доживеав изборен дебакл, но ќе работам секаде и за сите, бидејќи јас сум градоначалник на сите граѓани. Не може се’ преку ноќ да се сработи, но отворени сме за критики. Заложба на сите советници во Општина Центар е да работиме за доброто на општината“, рече Жерновски.
На средбата присуствуваше и советникот Алберт Адемов кој посочи дека иако припаѓа на спротивна политичка опција од градоначалникот и мнозинството од општината, ќе работи и ќе соработува со градоначалникот за да се најде решение за сите проблеми.
„Со години не’ лажат. Ни треба игралиште за децата“, се пожалија жителите на Кале.
Дојдени беа и жители од Горна Топаана, кои со новата територијална организација припаѓаат на друга општина. Овие жители сакаат повторно да се вратат во границите на Центар.
„Амди не’ направи сите ВМРО-вци и игра пинг-понг со нас“, рече еден од нив.