– Форум насловен „Европските перспективи на локалната самоуправа” ќе се одржи денеска во Битола во организација на Министерството за локална самоуправа и Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, во рамки на Програмата за соработка меѓу Република Македонија и Нормандија.
Форумот ќе го отвори министерката за локална самоуправа Ширет Елези, а ќе присуствуваат членови на општински совети, државни службеници кои работат во општините, претставници од Центрите за регионален развој и граѓански организации.
– Целта на овој тридневен собир е да се дискутира за процесот на европска интеграција на Република Македонија и користењето на европските фондови, со фокус на улогата на локалната самоуправа, информираат организаторите.
Согласно Програмата, предвидени се презентации, отворени дебати, размена на искуства и работилници.