Министерот за здравсто, Венко Филипче, бара институциите да спроведат истраги за журките во повеќе градови, кои се спротивни на мерките за заштита од коронавирусот. Тој бара санкции за сите кои ги прекршиле протоколите донесени од Комисијата за заразни болести.
„Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, да носат задолжително заштитни маски, да одржуваат хигиена и дистанца. Клучно е сите да ги почитуваат мерките за да се спречи ширењето на вирусот и секое непочитување на мерките да биде соодветно санкционирано“, пишува Филипче.
Инаку, и покрај забраната за работа на ноќните клубови, во Струмица два дена по ред се одржуваат забави со гужви, турканици и неконтролиран влез на гости. Забавите се со музика во живо, а настапуваат популарни артисти од земјава. Пазарниот инспекторат во петокот направил контрола веќе поднел кривична пријава за клубот „Аватар“ потврдуваат оттаму за „А1он“.
Слично е и во прилепски клуб каде забавата остана неказнета од инспекторите, бидејќи пред тие да стигнат, директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски тврди дека организаторите добиле дојава.