Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека моментно се тестираат седум пациенти на коронавирус, кои имаат симтоми на грип. Тој рече дека четворица од нив патувале во Австрија, односно Германија. Во текот на денешниот или утрешниот ден, ќе се тестираат од 50 до 80 жители на Дебар за кои постои сомневање дека имале контакт со заболени лица.
„Координацијата на службите е добра, нема некаков проблем во болницата. Во континуирана комуникација сме со лекарите и директорот на болницата во Дебар. Во овој момент се тестираат седум пациенти. Три се од Дебар и тие се луѓе што имаат симптоми на грип, понатаму – двајца преку Центарот за јавно здравје во Штип и двајца што се на Инфективната клиника. Овие четворица се со анамнеза дека патувале во Австрија, односно Германија, во изминатиот период“ рече Филипче.
Тој посочи дека лицата за кои здравствените власти не се сигурни дека имале контакт со заболени лица, ќе се тестираат, а тие се од Дебар, каде што е прогласена кризна состојба.
„Утрово разговаравме со инфектологот, тој рече дека се во насока на дополнителни анализи и проверки, односно индикации за тестирање повеќе луѓе. Тоа е една форма на скрининг во согласност со светските искуства. Дури и за луѓе што не сме сигурни дека имале контакт со заболени или луѓе за кои се сомневаме дека можеби да се заболени, ќе ја прошириме бројката на луѓе што ќе се тестираат. Очекуваме во текот на денот или утрешниот ден да стигнат помеѓу 40, 50, дури и 80 луѓе, сè со цел детаљно да се скренира овој регион“, додаде Филипче.
Засега нема новодијагностицирани лица што имаат коронавирус. Во однос на пациентите што се лекуваат, Филипче рече дека имаат лесна клиничка слика и примаат терапија.
„Нема новодијагностицирани во изминатиот период. Испишана е и првата пациентка, контролната слика покажа дека нема големи оштетувања на белите дробови, сите што беа во контакт со неа се тестирани и немаат никакви симтоми, практично, тие се здрави. Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, од кои 13 се на Клиниката за инфективни болести. Непроменета е состојбата на пациентката што е на респираторна машина. Таа е стабилна, со соодветна терапија. Сосема лесна клиничка слика имаат пациентите во Дебар. Тие се на домашно лекување“, рече Филипче.