„СДСМ е имунолошкиот одбранбен систем. Ние сме лекот, ние сме гласот што грми. Ќе чукнеме на секоја врата, ќе ја разбудиме Македонија“.
Ова меѓу другото беше пораката што лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја испрати од 31. Конгрес на партијата што се одржува денеска.

Тој порача дека партијата влегува во фаза на мобилизација, без простор за внатрешни поделби, со директна критика кон власта и повик за излез на терен.
„Знам дека во минатото имаше турбуленции. Некои останаа, а некои си заминаа. Но сега сакам да порачам нешто: вратите на СДСМ се ширум отворени за секој социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата. Денеска ставаме точка на раздорите. Кој мисли да биде Тројански коњ на ВМРО-ДПМНЕ, нека си замине веднаш. Немаме луксуз за суети. Нема седење. Нема веќе пишување статуси на Фејсбук. СДСМ излегува на терен. Ќе чукнеме на секоја врата за да ја разбудиме Македонија. Пред нас е борба, со знаење, чесност и со срце. СДСМ е силата која носи промени. Немаме време за страв, туку само за храброст. Надежта има име и се вика – СДСМ“ – порача Филипче.

Тој во говорот направи историска паралела, со оценка дека во клучните и најтешки моменти за државата, СДСМ била таа што го осветлува патот напред.
„Кога ѝ се спуштал мрак на државата, СДСМ била факелот кој го покажувал патот. Ова е собир за спас на македонското достоинство. Погледнете што се случува надвор. Што ни донесоа овие на власт – тоа е брутално отрезнување. Ни ветија гордост, а нѐ донесоа до питачки спас“ – изјави Филипче.