На Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ, денеска во утринските часови било физички и вербално нападнато медицинско лице кое работи на оваа Клиника.
Според првичните информации на Министерството за здравство, станува збор за физички и вербален напад на лица кои изгубиле близок член од семејството, хопитализиран во оваа Клиника, врз медицинско лице кое во тој момент пристигнало на работа.
Министерството сочувствува со болката на блиските на пациентот, но осудува било какво насилство врз медицински персонал кој секојдневно се бори за животот на овие пациенти сместени на КАРИЛ, имајќи во предвид дека станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба.
Министерот доц. д-р Венко Филипче, по овој повод изјави дека нема да се толерира никаков вид насилство врз медицинскиот персонал.
– Насилството не е начин на кој треба да комуницираат лекар и пациент. Се сочувствува со состојбата на лицата кои претрпеле загуба, но го осудувам настанот и секој обид за насилство. Со министерот за внатрешни работа Оливер Спасовски, сме во координација, со што многу скоро, ќе добиеме помош и заштита од полицијата, изјави министерот Филипче.
Директорката на КАРИЛ, Маја Мојсова, изјави дека ова не е првпат да биде нападнато медицинско лице од ова одделение.
– Загубата на човечки живот е непроценлива. Но, на одделението КАРИЛ ние секојдневно се грижиме и лекуваме лица кои доаѓаат во животозагрозувачка состојба. Медицинскиот персонал, најодговорно тврдам, дава се од себе, да ги спаси и одржи во живот овие пациенти. Ниту еден од нив, никој не заслужува да биде физички или вербално нападнат. Ова однесување е недозволиво, вели Мојсова, која додава дека не е првпат медицинско лице од одделението КАРИЛ да биде физички или вербално нападнато.
Министервото за внатрешни работи, го истражува случајот и ќе преземе соодветни мерки.