Филипче: Македонија е пример за успешно партнерство меѓу Владата, институциите и граѓанскиот сектор во справувањето со ХИВ инфекцијата

Од:

По повод одбележување на 1 декември – Светски ден на борба против ХИВ/СИДА, денеска во Министерството за здравство се одржа прес конференција на која учествуваа министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби и национален координатор за ХИВ, д-р Милена Стевановиќ, д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје и Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје.

Министерот за здравство посочи дека годинава е направен голем чекор напред успешно продолжувајќи ги воспоставените програми за заштита од ХИВ, во рамки на Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција, во која се обезбедени 37 милиони денари за антиретровирусна терапија и 52 милиони денари за превенција и за рано откривање на ХИВ инфекцијата. Во Програмата се вклучени Министерството за здравство, Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како и 15 здружениja на граѓани, кои дејствуваат во десетина градови низ државата.

– Република Македонија оваа година беше препознаена, не само во регионот, туку и во глобални рамки, како земја пример за успешно партнерството помеѓу Владата, институциите и граѓанскиот сектор во справувањето со еден комплексен проблем како што е ХИВ инфекцијата, согласно препораките на Обединетите нации. Продолжуваме континуирано да работиме да ги унапредиме и другите аспекти во однос на ХИВ инфекцијата, потенцираше министерот Филипче, а воедно ги повика граѓаните да се тестираат, имајќи во предвид дека тестирањето е доброволно, доверливо и бесплатно во Клиниката за инфективни болести, центрите за јавно здравје и граѓанските организации кои работат на полето на ХИВ.

Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје информираше дека во Македонија од 1987 досега се регистрирани 400 случаи на ХИВ. Од регистрираните случаи 339 (86%) се од машки пол а 54 (14%) се од женски пол. Во 2018 досега се регистрирани 41 нови случаи на ХИВ, од кои сите се од машки пол. Возраста на новите случаи се движи од 21 до 51 година, a 82% од случаите се на возраст од 20 до 39 години, од кои по 17 случаи на возраст од 20-29 и 30-39 години. На возраст од 40-49 години биле 6 случаи и еден во возрасната група од 50-59 години. Според начинот на пренос, 78% од случаите се мажи кои имале секс со мажи, 7 лица пријавиле хетеросексуален начин на пренос, а за едно лице не се знае начинот на пренос.

Националниот координатор за ХИВ, д-р Стевановиќ потсети дека антиретровирусната терапија која е неопходна за лекување на ХИВ инфекцијата е бесплатна за секој пациент на Kлиниката за инфективни болести.

– Ние се придржуваме до препораките на СЗО за лекување на ХИВ инфекција и препораките на Европското клиничко здружение за ХИВ и континуирано го унапредуваме лекувањето и следењето на пациентите. Индивидуалниот пристап на работа со пациентите и психосоцијалната поддршка која ја добиваат на Клиниката за инфективни болести, дополнително ја зголемува контрола на инфекцијата. За успехот на третманот на ХИВ, покрај важноста на навременото откривање и почнување на терапија огромен удел има и придржувањето до лековите и нивно навремено земање. Постигнати се одлични резултати во однос на започнување со антиретровирусна терапија и постигнување на вирална суспресија, дури 88% од луѓето што се дијагностицирани се на антиретровирусна терапија, а дури 94% од оние што се на терапија имаат супримиран вирус во крвта, истакна д-р Стевановиќ.

Извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ, Андреј Сених, во име на граѓанските организации кои спроведуваат програми за ХИВ изрази задоволство од начинот на функционирање на механизмот за партнерство помеѓу Министерството и граѓанските организации кој веќе се воспостави кон крај на 2017 година.

– Нè загрижува фактот дека значителен процент од луѓето со ХИВ не се свесни за својата ХИВ-инфекција. Тоа значи и дека значителен број од новите случаи се откриваат во напреден стадиум на инфекцијата. Убедени сме дека со уште поголем напор на сите вклучени во Програмата, Република Македонија сепак може до 2020 г. да се приближи до целта 90% од проценетиот број на лица инфицирани со ХИВ да бидат дијагностицирани. Во денешно време е неоправдано да се плашиме од ХИВ-тестот, а уште повеќе од луѓето што живеат со ХИВ, истакна Андреј Сених.

Би можело да ве интересира

Нови случаи на ХИВ и еден на СИДА во Македонија, сите се мажи на возраст 20 и 39 години

A1on

Бесплатни тестирања за ХИВ и други сексуално преносливи болести од 20 до 26 ноември

За еден месец осум нови случаи на Сида – тројца странци со престој во Македонија

А1он

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска