Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека фотографиите и прилозите од медиумите покажуваат дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот не се почитуваат. Според него, тоа е загрижувачки. Тој вели дека коронавирусот не е мртов ниту заминат.
„Фотографиите и прилозите од вчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки. И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи. Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставајќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред се и над се. Им благодарам на граѓаните кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават“, вели Филипче.
Според него, почитувањето на мерките треба да го спречат ширењето на вирусот, а во борбата со Ковид-19, здравствените работници не можат сами.
„Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го игнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките“, додава Филипче.
Инаку, Чаир, Гази Баба и Сарај се општините каде што има најголем број активни заболени лица од Ковид-19, покажуваат најновите статистики на Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство.