Филипче: „Астра зенека“ нема да се дава на лица помлади од 60 години, по препораката од ЕМА

Од:

Вакцинацијата со „Астра зенека“ на лица помлади од 60 години останува забранета. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека оваа одлука ја донеле откако вчера Европската агенција за лекови утврди поврзаност на вакцината со згрутчување на крвта кај лица помлади од 60 години.

„Утрово разговаравме за ставот на бордот на ЕМА по евалуацијата на вакцината на ’Астра зенека’. Има две препораки од бордот, едната е дека тромботичните појави треба да влезат во упатството за употреба на вакцината, а другата е секоја држава за заземе став. Ставот е вакцината да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја“, рече министерот Филипче.

За вакцинираните лица помлади од 60 години со прва доза од оваа вакцина во Србија, министерот Филипче рече дека ќе чекаат препораки дали да се вакцинираат со друга вакцина.

„За нив нема препораки за мерки на претпазливост освен ако имаат симптоми да се јават на контрола и преглед кај лекар. Во однос на ревакцината, со оглед на тоа што доаѓа за три месеци, засега нема никаков став. Ќе ги следиме насоките од ЕМА и од други нацинални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање“, објасни министерот Филипче.

Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астра зенека“ и појавите на згрутчување на крвта со укажување дека оваа последица е многу ретка и бенефитот од вакцината и натаму е поголем од ризикот.

По ваквиот став, ЕМА соопшти дека секоја земја треба сама да одлучи како ќе го третира заклучокот дека вакцината е поврзана со згрутчувањето на крвта. При носењето на одлуката, од Агенцијата препорачаа, секоја земја да ја земе предвид моменталната епидемиолошка и достапноста на другите вакцини.

Министерот Филипче забрани лица под 60 години кај нас да ја примат вакцината на „Астра зенека“ откако забрани ставија Германија и Канада поради згрутчувањето на крвта што го предизвикала вакцината. Забраната стигна непосредно пред почетокот на масовната вакцинација која почна на 31 март со вакцинирање на лицата над 77 години. Бидејќи нема податоци дека и кај оваа категорија граѓани вакцината предизвикала згрутчување на крвта, вакцинирањето на лицата над 77 години кај нас почна со „Астра зенека“.

Од оваа вакцина преку Ковакс – системот на крајот на март стигнаа првите 24.000 дози, а се очекува да стигнат уште 76.000 дози.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски