Фудбалската федерација на Македонија денеска ги предаде во трајна сопственост трите амбулантни возила набавени за потребите на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (стара Градска болница) во Скопје.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини рече дека федерацијата на ваков чекор се одлучила имајќи ја в предвид сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните на нашата држава, но пред сѐ, нашите здравствени работници.
– Едноставно, ова е време и моменти кои нè потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Нашата социјална одговорност досега многу пати била потврдена, тоа е еден од важните постулати во работењето на ФФМ и наша должност е да помогнеме со надеж дека ќе придонесеме во ублажување на последиците од оваа состојба, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Директорот на Клиниката за хируршки болести, д-р Љубен Арсенков се заблагодари за донацијата.
– Овие возила ќе ни бидат од големо значење во нашата секојдневна работа за транспорт на пациенти. Досега имавме возила кои се стари над дваесет години и ова освежување во возниот парк навистина ни значи многу.
ФФМ исто така, даночните повластувања кои произлегуваат од Законот за спонзорства и донации, нема да ги искористри, напротив од целиот износ се откажува во корист на државата и фондот за борба против коронавирусот.