Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу деенска и утре ќе престојува во работна посета на Унгарија со цел запознавање со политиките за регионален развој.
Во рамки на посетата, министерот ќе реализира и средба со Балаж Ракоси, државен секретар во Министерството за финансии на Унгарија.
Во текот на дводневната посета пред министерот и делегацијата од Министерството за локална самоуправа, Одделот за планирање на територијалниот развој на Унгарија ќе ги претстави политиките за регионален развој, пред се правната рамка и институционалниот систем на регионалната политика на Унгарија, како и трендовите во регионалниот развој, вклучително со разликите и хиерархијата на територијалните планови.
Пред македонските претставници ќе бидат елаборирани и постоечките инструменти за намалување на разликите во регионалниот развој, што е овозможено преку разни програми финансирани од Европската унија, особено оперативните програми за регионален развој.
Преку искуствата на Унгарија, механизмите и практиките кои се веќе применети и докажани, македонското Министерство за локална самоуправа ќе се запознава со можностите за развој, со што цели кон унапредување на работата и на улогата што локалната самоуправа ја има во поттикнување на регионалниот развој.