Фазлиу: Локалната демократија услов за градење демократско општество

Од:

Локалната демократија е услов за градење демократско општество. Затоа им помагаме на општините за зајакнување на нивните капацитети за вклучување на граѓаните во донесување одлуки, изјави денеска министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на прес-конференција на која даде отчет за првите сто дена од неговото работење.

Тој истакна дека од страна на Швајцарската агенција за развој, обезбедени се по 50.000 долари за секоја од вкупно 24 општини за проекти што ќе бидат одбрани од граѓаните. Со средства на ЕУ, во имплементација на УНДП, додаде тој, на минимум пет општини ќе им бидат доделени грантови со вкупна вредност од 600.000 евра за градење механизми за транспарентна распределба на средства на проекти.

– Не може да се зборува за граѓанско општество, ако градоначалниците и членовите на советите располагаат со буџети, особено во малите и руралните општини, кои едвај се доволни за плати и надоместоци, а сите други средства ги обезбедуваат од централната власт, делумно како наменски додатоци, а делумно со тропање по врати во министерствата, без однапред дефинирани критериуми, рече Фазлиу, осврнувајќи се на финансиската одржливост на општините.

Тој наведе дека средствата од централната власт ќе се распределуваат на правичен и транспарентен начин, без партиски и други влијанија.

– Крајни корисници на услугите се граѓаните, а оваа Влада работи на обезбедување на еднаков пристап до услугите за сите граѓани, без исклучок ниту по еден основ, најмалку партиски или етнички, рече Фазлиу.

Министерот како втор приоритет за локалната самоуправа го посочи создавањето услови за рамномерен регионален развој на целата територија на државата.

– Македонија е мала држава со огромни разлики меѓу планските региони и меѓу општините. Дисбалансот во развојот директно се одразува на квалитетот на живеење. Она што не смее да се дозволи е различниот квалитет на јавни услуги, како што се училишта, детски градинки, водовод, канализација, патишта, во зависност од местото на живеење, иако сите граѓани плаќаат исти даноци, рече тој и додаде дека Министерството ќе финансира само проекти што ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните.

Тој истакна дека во јуни е објавен јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, во рамки на втората фаза од ИПА програмата на ЕУ со вкупна вредност од два милиони и 40 илјади евра.

– Во фаза на подготовка се вторите јавни повици за проекти за прекугранична соработка и до крајот на годината може да се очекува нов јавен повик за проекти со Бугарија, рече тој.

Во врска со прашањето дали до Министерството се пристигнати претставки за референдумите што во одредени општини се спроведуваат за имигрантите и за отворање рудници, Фазлиу рече дека засега не се стигнати, и посочи дека тоа е во надлежност на локалните самоуправи, поддржувајќи ја волјата на граѓаните.

Би можело да ве интересира

ЛДП предлага отповикување на градоначалници и широка расправа по однос на Законот за локална самоуправа

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Пенов: Со изградба на стационар Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион

Ана Ололовска

Пенов: Не сме задоволни од ангажманот на општините во прибирањето на сопствените средства

Ана Ололовска

Пенов: Со барањето за „заедница на албанските општини“ некој сака да лови политички поени

Ана Ололовска

Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа

Ана Ололовска