Факултетите во Западен Балкан ќе ги ажурираат наставните програми за просторните податоци. Осовременувањето на наставните програми ќе овозможи идниот студентски кадар да биде во тек со европските текови во геодезијата и примената на информатиката во неа.
Тоа го оценија на денешниот состанок во Скопје учесниците во проектот за евалуација на академското образование во земјите од Западен Балкан и професионални оджливи обуки за инфраструктурата на просторни податоци – БЕСТСДИ, што се спроведува со финансии од Европската унија.
Вклучени се 15 високообразовни институции од геодезијата, геоинформатиката и инфраструктурата на просторни податоци од Македонија, Хрватска, Србија, Босна, Црна Гора, Косово и Албанија, како и универзитетите од Белгија, Германија и Шведска. Од Македонија во активностите се вклучени Градежниот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј Скопје и Агенцијата за катастар на недвижности, како придружен партнер.
Според Жељко Бачиќ, професор на Геодетскиот факултет во Загреб, целта е сите факултети да ги ажурираат своите програми во областа на инфраструктурата на просторни податоци. Пакетот со наставни планови што ќе биде подготвен ќе биде јавно достапен на сите универзитети и во регионот и пошироко.
– Крајниот резултат е пакет курикулум со опис на предметите и содржините за инфраструктурата на просторни податови. Ќе направиме проектен курикулум кој ќе го покрие целото подрачје. Имаме 22 факултета од кои седум се геодетски, останатите се градежен, архитектура, рударство, филозоофски, агрономски, шумарски. Тие се корисници на просторните податоци и нема да земаат цел пакет, туку ќе ги прилагодат своите програми согласно нивните потреби, рече Бачиќ.
Реформите на македонскиот Катастар, кој е придружен партнер во проектот и пренесува искуства, според Бачиќ, се високо рангирани.
– Особено е важно за новите студиски програми кои се однесуваат на инфраструктурата на просторни податоци да имаме претставник од државата како корисник на просторните податоци кои ќе ни кажат какви им се потребите. Тука сме во Агенцијата за катастар на недвижности кои во оваа област се лидер во регионот и разговараме што сакаме да направиме, кои се нивните потреби и во рамки на проектот да создадеме што подобри студски програми за студентите, појасни Бачиќ.
На факултетите во Македонија се уште нема предмет за национална инфраструктура на просторни податоци, а како предизвик се истакнува и дефицитот од геодетски кадар.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески истакна дека Катастарот во рамки на законските можности и овластувања е подготвен за градење академски капацитети за нацоналната инфраструктура на просторни податоци
– На пазарот нема невработен геодетски инжинер. Сите се вработени, а потребата од нив се зголемува како што се осовременува Агенцијата и како што одиме напред во исполнувањето на INSPIRE стандардите се повеќе ќе се зголемува. Оваа иницијатива за дополнително осовременување на студиите ќе овозможи да излегува што поквалитетен кадар од нашите факултети, рече Трпески, одговарајќи на новинарски прашања.
Проектот БЕСТСДИ, што почна во октомври лани, ќе трае три години. За неговата реализација се предвидени милион евра. Претставува надополнување на регионалните проекти INSPIRATON и IMPULS во кој се вклучени агенциите за катастар и геодезија на земјите од Западен Балкан.