Еден од кандидатите за член или претседател на Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси е и Маја Малахова.
Таа била судија и во два наврати од 2009 година претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки. Членот на селекциската комисија за избор на нов состав на антикорупциската комисија, Сабина Факиќ, ја праша Малахова од каде сега овој антикорупциски импулс и желба за борба и справување со корупција, кога рече, не може да се сети дека како прв човек на Претседател на Државна комисија за жалби по јавни набавки, зборувала или укажувала за корупција во изминатиот период.
„Ја затворивте комисијата, дали сега може да ви веруваме на зборот“, праша Факиќ. Комисијата 10 години беспрекорно функционираше, одговори Малахова.
„Не знам зошто НВО смета дека сме биле нетранспарентни. Баш напротив. Ни една црна дамка немаше на оваа комисија. Можеби начинот на работа и темпото, не ни дозволуваа да бидеме полежерни и да се презентираме во јавноста. Не притискаа рокови а немавме ниту портпарол. Се што имавме го кажувавме со бесплатни едукативни семинари, каде и јас бев претседавач.Изненадена сум зошто НВО не ни укажа за нетранспарентност. Комисијата беше недопирлива за притисоци“, рече Малахова.
На нејзиното тврдење дека ниту еден предмет од СЈО за Скопје 2014 не бил обжален, за што од присутните и беше посочено дека не и е точен податокот, наведувајќи го случајот со обжалување на анексите за Кривичниот суд. Малахова смета дека е најбитно самата власт да е расположена за превенција на корупцијата и дека СЈО добро работело зошто имале голем буџет и ресурси.