„Ако обвинувањата за изборен фалсификат се докажат како точни, тоа ќе биде една од најзначајните изборни измами откриени во Европа во последниве децении, а европски функционери велат дека ќе бидат потребни нови избори“, пишува престижниот весник „Фајненшал тајмс“ во написот посветен за Македонија каде ги опишува состојбите на политичката криза.
Текстот се задржува на снимките кои ги објави опозицијата, а кои сведочат за коруптивни афери и изборни манипулации во владиниот врв. Пренесени се и извадоци од разговорот во кој, според СДСМ, министерот за транспорт, Миле Јанакиески, договара исклучување на лифтовивите во Центар за граѓаните да не излезат на гласање.
„Овој разговор е само еден мрачен детал од она што произлегува како еден од најлошите изборни скандали во Европа во поновата историја. Владата на Република Македонија се наоѓа под меѓународен притисок за решавање на обвинувањата дека организирала голема шема за фалсифкување на изборите за да ја украде победата на минатогодишните парламентарни избори. Тврдењата за изборна измама се најновите обвинувања кои произлегуваат од политичкиот хаос што ја зафати малата балканска држава во последниве неколку недели, труејќи ја својата политичка клима и нанесувајќи им удар на амбициите за членство во ЕУ“, пишува весникот.
Се додоава дека Груевски не ја негира автентичноста на снимките , но дека вели оти тие биле селективно едитирани.
„Имаат издадено повеќе од 100 илјади лажни лични карти. Искористиле 9 милиони евра државни пари за изборите; за трошоците за кампања и за директно купување на десетици илјади гласови, кои се во износ од 22 отсто од сите гласови“, изјавува Заев за „Фајненшал Тајмс.“
Како што известува весникот, некои од снимените разговори, исто така, откриваат тензии во владата на господинот Груевски во врска со неговата раскошна преобразба на центарот на Скопје во барокен музеј на отворено на величествените античките херои. Проектот, вели новинарот, засега чини повеќе од 400 милиони евра. Дополнително е наведено дека Европската унија ги следи состојбите со загриженост. Извор од таму за весникот вели дека Европската унија ќе побара начин да испрати делегација која ќе посредува за разрешување на кризата. Идејата, се вели, е поддржана и од комесарот Јоханес Хан, но дека опозицијата излез од кризата гледа само во спроведување на нови избори организирани од преодна Влада.