Најдлабокото вештачко езеро во земјава, Козјак, е пред целосна суша. Водата се повлекува, а долж езерото во близина на селото Близанско во Македонски брод се гледа само пустош, суви дрвја и тиња. Дотокот на вода е мал, а од карпите се гледаат и границите до каде езерото било полно со вода.

Поради намалениот доток на вода, на површина се гледаат и остатоците од некогашното село Здуње кое било потопено при создавањето на вештачкото езеро Козјак.

Освен селото, на површина е и металната конструкција од рибникот во езерото кој треба да е под вода. Наместо риби, под него има само кал и отпадоци. Со ваквиот тренд на опаѓање на водостојот, се доведува во прашање и останувањето на рибниот фонд.

„Од сите години претходно кога имаше опаѓање на водостојот, ова е најалармантно досега. Во езерото имаше десетици видови риби. Сега ова веќе не наликува на езеро, туку на пустина. Катаклизмична е состојбата“, вели сопственик на викендичка близу Козјак.

Сликата за Козјак е различна доколку езерото се гледа од карпестиот предел во близина на Скопје. Оттаму, посетителите кои местото го користат за фотографирање, не гледаат ништо необично.

Засега нема одговор од ЕСМ, кои управуваат со ХЕЦ „Козјак“, за тоа која е причината за ваквата состојба на езерото, зошто има намален доток на вода, како и дали според нив ситуацијата е алармантна.