Европскиот парламент го одложи гласањето за Резолуцијата за Македонија

Од:

Комисијата за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска ја прифати препораката на пратеникот Ричард Ховит и го одложи гласањето за Резолуцијата за Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.

АФЕТ денеска расправаше за 203-те амадмани поднесени на Предлог-резолуцијата претставена од известувачот Ховит, при што се разви дебата во која се допре и македонскиот идентитет, но на крајот беше договорено да се одложи гласањето додека не се реши политичката криза во земјата.

– Кризата што настана по случувањата на 24 декември минатата година не се надминува. Двете главни политички партии во земјата се обвинуваат меѓусебе, а опозициската СДСМ го напушти Парламентот и се заканува со бојкот на локалните избори. Останува моето мислење дека Македонија има историска можност во јуни да добие позитивна препорака за почеток на пристапните преговори од Европскиот совет, но само ако се реши ситуацијата, која може да го уништи прогресот на земјата обезбеден изминатите години, истакна известувачот за Македонија на почетокот на дебатата во Европарламентот во Брисел.

Ховит повтори дека ЕП не верува во бојкот на избори, по што побара одложување на гласањето за Резолуцијата за неколку недели, посочувајќи дека тоа го прави со цел АФЕТ и ЕП да дадат позитивна препорака за земјата, а дека поради сегашната ситуација е можно да се добие негативен извештај.

– Имам надеж дека одложувањето на овој извештај ќе испрати јасен сигнал до партиите во Скопје дека ја поддржуваме земјата, но сакаме решение на политичката криза. Гледам и дека денешните иницијативи за помирување не поминаа и дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе има одлична комуникација со политичките лидери и сака решение на политичката криза во земјата. Сакам луѓето, организациите, општеството во оваа земја да сфатат колку е сериозна оваа криза и време е политичките партии да го стават интересот на земјата пред партискиот, истакна Ховит.

Известувачот во сенка од ЕП, Едвард Кукан, ја поддржа иницијативата на Ховит за одложување на гласањето на АФЕТ, потенцирајќи дека бојкот на опозицијата на Парламентот и изборите во Македонија не е начин земјата да оди напред, притоа повикувајќи ги сите известувачи во сенка утре да постигнат консензус како да се справат со актуелната ситуација во врска со нашата земја.

– Не мислам дека оваа ситуација урива се што претходно Македонија сторила во пристапот кон ЕУ, но го загрозува идниот прогрес. Се уште имам надеж дека политичарите во Македонија ќе бидат одговорни и во најдобар интерес на земјата и граѓаните ќе најдат решение. Во врска со поднесените амадмани, ќе кажам дека не поддржувам такви што ќе ја влошат ситуацијата во земјата и ќе внесат поголеми тензии во односите со Бугарија и Грција. И покрај политичкиот застој, нам ни треба охрабрувачки јазик, посочи Кукан.

Николаос Чунтис од Грција истакна дека сегашната криза во Македонија е социо-економска, посочувајќи дека во Македонија има 60 проценти на невработени млади лица. Притоа, тој рече дека само Грција не става пречки на пристапот на нашата земја кон ЕУ и дека прашањето за името не е билатерален проблем.

Британецот Чарлс Тенок, пак, го повтори својот став дека билатералните проблеми не треба да стојат на патот на пристапот на Македонија кон Унијата и дека секоја земја треба да се оценува според заслугите. Тој ја повика опозициската СДСМ да се врати во Парламентот и да не бојкотира, нарекувајќи ја таквата нивна намера нон-сенс.

– Тажно е што се држи назад оваа земја поради прашањето за името. И следниот извештај на Европската комисија трбеа да бдие позитивен со препорака за почеток на пристапните преговори, а Советот во јуни да даде зелено светло, истакна Тенок.

Гркинката Мариета Јанаку запраша дали ЕП знае кој е денеска реалниот проблем „со оваа земја“. Според неа, Грција не е таа што блокира, туку проблемот со судството, корупцијата, слободата на медиумите, политиката, решавањето на спорот за името… Таа побара и да не се одложува гласањето за Резолуцијата и со тоа реално да не се оцени ситуацијата во земјата.

– Тоа е нереално. Да и погледнеме на реалноста в очи и да не правиме маска. Извештајот треба да ја рефлектира реалноста на терен, а таа е дека набрзо нема да се подобри ситуацијата во земјата! Таму има конфронтации, посочи Јанаку.

Кон нејзиниот апел се приклучи и Бугаринот Евгени Кирилов, според кого треба да има сериозна загриженост за демократските стандарди во врска со луѓето во Македонија кои се чувствуваат со поинаква етничка припадност, спомнувајќи „мегаломански планови што се прават во Скопје“.

– Она што се случи во Собранието на 24 декември 2012 година го виде цела Европа и светот, а тоа е дека полицијата исфрлаше пратеници и новинари. Отаму и ние треба да имаме јасна позиција за ова. Но, тоа не го прави ниту Комисијата, па само Карл Билд даде изјава. Не треба да ја критикуваме само опозицијата што не се враќа во Парламентот, туку да сме балансирани и треба да говориме и за нивното исфрлање. Што бараше полицијата таму, без наредба од повисоки инстанци и нивна заштита? Оваа земја не е повеќе дмеократски кредибилна, рече Кирилов.

Германскиот европратеник Бернд Поселт ги потсети сите дека АФЕТ расправа за извештајот на Европската комисија за 2012 година, кога, според него, Македонија направила огромен прогрес.

– Постои опасност ова одложување на гласањето да се разбере погрешно, посебно од оние кои практицираат бојкот во земјата и со ова тие да бидат наградени и охрабрени да продолжат со бојкотот и провокациите. Одложувањето е само за да најдеме консензус. Инаку, по десет години кандидатски статус, крајно време е Македонија да почне преговори за членство, истакна Поселт, посочувајќи и на Гркинката Јанаку дека не постои прашање за име и дека такво нешто познава и признава само Грција и дека тоа постои „само во главите на некои грчки политичари“.

– Јас сум Баварец и никој не може да ме спречи така да се нарекувам. Исто е и за Македонците!, дециден е Поселт.

Словенецот Жељко Кацин посочи дека Македонија тоне и дека залудно комесарот Филе и Стефано Санино ја посетувале земјата и сакале да креираат позитивен извештај. Тој ги повика политичките елити во Македонија да се погледнат реално во огледало и да престанат да се обвинуваат, туку да најдат решение на кризата. Притоа, Кацин си дозволи и да го коментира македонскито национален идентитет.

– Јас сум од Словенија и говорам словенечки јазик, кој е од семејството на словенски јазици. На Западен Балкан имаме и две словенски нации, Бугари и Македонци, кои имаат исти поети, писатели и манастири, но сега слушаме дека Македонците не се повеќе Словени! Тие зборуваат словенски јазик, употребуваат кирлиско писмо и граматика, но повеќе не се Словени. Политичката елита во Македонија предизвикува штета на соседските односи со тоа што пишува нова историја и ако се продолжи вака ќе имаме балканизирана Европа. Затоа, треба да ги повикаме власта и опозицијата да се вратат од предисториското време. Знам дека моите зборови ќе болат во Македонија, ќе рече Кацин.

Гркот Јоргос Кумуцакос истакна дека политичката ситуација во Скопје е проблематична, дека институциите на системот не функционираат и дека демократските стандарди се нарушуваат. Тој истакна дека не може секогаш да се известува позитивно за земјата ако некои работи не одат на добро и дека ЕП треба да не критикува силно и лошо. Притоа, Кумуцакос посочи дека нашата земја нема проблем само со Грција, туку и со Бугарија и Албанија и според него, во таквата ситуација “само Груевски е паметен“. Тој исто така го предупреди својот колега Кукан да не не нарекува Македонци, оти така ризикува да добие протестни писма од 30-40 членови на грчкиот парламент што с ечувствуваат како Македонци!

Хрватскиот пратеник во Европарламентот, Андреј Пленковиќ потсети дека Македонија од 2005 година е кандидат за членство и досега не почнала преговори со ЕУ, што носи фрустрации. Затоа, тој го пофали последниот извештај на Комисијата, притоа повикувајќи ја опозицијата да се врати во Парламентот и дека бојкотот не е начин да се решат проблемите. На Грците, Пленковиќ им порача дека европеизација на билатералните проблеми е погрешно.

Германската европратеничка Дорис Пак, посочи дека нашата земја треба да се вика Македонија, посочувајќи дека прашањето за името е само билатерално. Таа се чудеше на заканата на Кумуцакос дека Кукан ќе добиел писма од „Македонци“ во грчкиот парламент оти ги нарекува Македонци оние што живеат во Македонија, истакнувајќи дека и во германскито Бундестаг има баварци, но тие пред се се Германци, како што и грчките Македонци, пред се се Грци.

– Затоа велам дека тој проблем е создаден, а не дека постои. А, во врска со бојкотот на опозицијата, ќе кажам дека тоа е глупа мерка, а проблемите во Македонија се поради тоа што осум години земјата чека на преговори за членство во ЕУ и повеќе соседите ја провоцираат оваа земја, околку таа нив. Македонците не паднаа од небо! Тие се Македонци и не може д аги наркеуваме “поранешни Југословени“, оти нивно право е да се нарекуваат како што сакаат. Затоа трбеа да ја користиме и придавката “македонски“. А, кога само Грците и Бугарите се загрижени за името, мора да има нешто зад тоа, некаква скриена агенда, рече Дорис Пак.

Швеѓанката Ана Ибрисагиќ ја лоцираше вината за тоа што Македонија не почнала пристапни преговори во грчката блокада. Притоа, таа рече дека на нашата земја би и било потребна деценија ако ги почне преговорите за да стане член на ЕУ, со оглед на тоа што Шведска преговарала пет години кога била кандидат.Таа потсети дека тензиите нема да постојат ако почнат преговорите за членство, а дека сегашната ситуација во Македониај се должи на замрзнатиот статус од 2005 година.

– Ако земјата продолжи да чека, не само Грција и Бугарија, туку се повеќе земји ќе бидат против, оти така се зголемуваат фрустрациите и расте национализмот, а реформите исчезнуваат. Ако сакаме да видиме стабилност, демократија, тогаш треба да влезе оваа земја во следната фаза оти најлошо правиме ако ја оставиме во чекалницата, предупреди Ибрисагиќ.

Во име на Европската комисија, првиот човек за Македонија во Директоратот за проширување, Дејвид Кулен, во име на ЕК повтори дека Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) е катализатор за реформи и дека е најдобро за земјата да ги почне пристапните преговори.

– Ги повикавме сите политички партии да ја почитуваат институцијата парламент и неговите демократски вредности. ЕК ја поддржа иницијативата на претседателот Ѓорге Иванов за формирање на Комисијата што ќе ги разгледа настаните на 24 декември минатата година. Комесарот Филе е во редовен контакт со партиите, а и Санино е таму постојано, иако коемсарот ја одложи посетата во рамки на Четвртата рунда од ХЛАД-от. Сепак, тоа не значи дека работата со дијалогот е запрена, напротив ние продолжуваме на техничко ниво и состаноци постојано се одвиваат, но за сегашната криза ќе има елементи за кои ќе известиме во пролетниот извештај – посочи претставникот на Европската комисија.

Претседателот на АФЕТ, Елмар Брок го повтори својот став дека бојкотот на парламентот и носи штета на земјата. Притоа, тој беше зачуден дали сегапната политичка криза во Македонија е меѓуетничка?! Тој посочи дека е деликатна работа да се дискутира за идентитетот на една нација, но побара ЕУ да превземе подиректна улога во решавањето на наметнатиот спор за името, а не само тоа да биде под капата на Обединетите нации.

Пред крајот на дебатата, Гркот Кумуцакос повторно се јави за збор и на констатацијата на Германката Пак дека Македонците се тоа што се и не се паднати од небо, и одговори дека ние треба да се нарекуваме Слав-Македонци, повикувајчќи се на претходната експликација на Словенецот Кацин, што според нив двајцата е „историски и фактички коректно“?! Притоа, тој порача и дека Турција чека да почне преговори со ЕУ 40 години, а Македонија само десет

На крајот на дебатата, известувачот Ховит заклучи дека е добро што има договор за одложување на гласањето за резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија. Тој му појасни на Брок дека не е меѓуетничко прашање политичката криза, туку дека се рбаоти за спор меѓу македонски партии. Британецот повтори дека бојкотот на изборите и парламентот не е решение на кризата, а на Гркинката Јанаку и даде до знаење дека одложувањето на гласањето нема задна цел.

– Ова може да се сфати и како притисок и врз земјите-членки и тие на Европскито Совет за ја сфатат нашата порака. Мора да најдеме одговор и да избегнеме погршена интерпретација на одложувањето. Имам надеж дека оваа дебата ќе испрати позитивен сигнал дека ние ја поддржуваме земјата и нејзината европска иднина, но ние не можеме да бидеме толку за пристап на Македонија кон ЕУ одошто луѓето во оваа земја и политичките партии. Тоа мора да биде нивен предизвик во овој за нив круцијален историски момент – порача на крајот известувачот Ховит.

Претседателот на АФЕТ, Брок, на крајот на дебатата посочи дека се одложува гласањето на Комитетот за надворешни рбаоти на Европарламентот за Република Македонија до следната сесија. Иако европратениците требаше да ја изгласаат Резолуцијата на 4-ти март (идната недела), тоа, според Брок, е оставено за следната сесија која е закажана за 21-ви март. Сепак, известувачот и известувачите во сенка оставаат можност одлуката да се донесе подоцна, но дека за тоа дополнително ќе се договорат.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он