Додека во голем број држави од светот се воведуваат полициски часови и најрестриктивни мерки за претстојните новогодишни и божиќни празници, а со цел да се запре ширењето на Ковид-19, од македонската Комисија за заразни болести денеска излегоа со ‘анемични мерки’, односно скратување на работното време на угостителските објекти од 21 часот, на 18 часот.
Фактички тоа е и единствената конкретна мерка што се предлага, а која беше соопштена денеска од страна на министерот за здравство Венко Филипче и членот на комисијата д-р Жарко Караџовски. Останатото се сведува на „апел“ до граѓаните да не се собираат во своите домови за време на празниците, иако останува јасно дека токму тоа ќе се случува. Се очекува и бран од туристи не само од земјава, туку и од околните држави, со оглед на тоа што во другите држави во сила се многу построги мерки.
Од друга страна, на хотелите, според денешните препораки, би им се забранила работа на рестораните и баровите по 21 часот, во време кога речиси сите капацитети во хотелите и викендиците во Маврово, Охрид, Попова Шапка и останатите туристички места се преполни. Оттаму, нејасна е мерката баровите и рестораните во хотелите да работат до 21 часот, кога забавата комотно ќе може да продолжи по собите и по викендичките, со оглед на тоа што буквално се е оставено на „апели“ до граѓаните, кои судејќи според бројките на заразени и хоспитализирани, досега не вродија плод.
Комисијата потсетува дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски. И тука постои нејасен дел, како е можно лицата во објектите да носат маски на места каде што се служат храна и пијалоци.
Граѓаните на социјалните мрежи, на Фејсбук страницата на министерот Филипче реагираат дека мерките немаат никаква поента.
„Освен целосен карантин ништо друго би немало ефект. Полни викендици, полни кафулиња до 18 часот. Дневни забави. А никој нема да се собира на минусни температури навечер. Мерките ви немаат смисла“, пишува граѓанин на социјалните мрежи.
„Утка сте најголема до сега! Немојте да апелирате после 3 недели, ќе нема кој да ве чуе“, пишува друг.
„Дали казината се уште остануваат деливери?“, прашува граѓанин.
Во Франција полицискиот час ќе биде воведен од 20.00 часот во вторник, и нема да се однесува на Бадник, туку ќе се однесува на новогодишната ноќ затоа што на 31 декември „се концентрираат сите состојки потребни за епидемиски скок“, изјави премиерот Жан Кастекс.
Во Србија се разгледуваат нови мерки, надвор од оние кои се во сила сега, односно скратено работно време на угостителските објекти и нивно целосно затворање за време на викендите.
Строги рестриктивни мерки во моментов има и во Германија и во Словенија.
Македонија во моментов е на 8-мото место во светот според смртност од Ковид-19 на милион жители. Пред нас се Италија, БиХ, Перу, Белгија, Андора, Сан Марино, а бројката е иста со Шпанија, односно 1018 смртни случаи на милион жители.
Во прашање постојано се доведуваат болничките капацитети во државата, а и медицинскиот кадар кој непрестано работи од почетокот на пандемијата, односно од март. Оттаму, станува повеќе од јасно дека не може да се држи под контрола пандемијата, а притоа да не се воведуваат построги мерки, особено за време на новогодишните и божиќните празници, кога преполни се и моловите, автобусите, казината, рестораните и кафулињата, и тоа токму преку ден.
Денешните предложени мерки од Комисијата за заразни болести треба да се разгледаат на владина седница. Доколку пикот на заразата се зголеми по новогодишните празници, тоа ќе биде јасен сигнал дека оваа таканаречена мерка била сосема погрешна.