Како дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ денеска во посета на Дебар беше шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.
Целта на кампањата е да се подигне свеста и да се информира јавноста за помошта од ЕУ во земјата. Амбасадорот Жбогар најнапред се сретна со градоначалникот Ружди Љата.
– За нашата општина поддршката од ЕУ во изминатиот период беше несебична. Денешниот разговор кој што го имавме со Жбогар, покажа дека интересите на ЕУ се во насока да се помогне и на нашата општина, меѓутоа и на нашата држава во нејзиниот развој, во нејзините перспективи и во овозможување, на подобра егзистенција на нашите граѓани, истакна градоначалникот Љата.
Евроамбасадорот се запознал со проблемите и предизвиците на општината и нејзините жители и вети дека помошта за оваа општина ќе продолжи.
-Научив многу повеќе за оваа општина со проблемите и предизвиците со кои се соочува. Разговаравме за трите проекти кои што се финансирани од страна на ЕУ, кој се веќе имплементирани на ниво на општина Дебар, а кои денес и ќе ги посетам. Но, примарно, ние денес со градоначалникот разговаравме за идни можни проекти за кои ЕУ би можела да помогне во следниот развој на вашата општина, рече Жбогар при што на градоначалникот Љата му врачи благодарница.
Појасни дека сертификатот, претставува сведоштво за добрите проекти кои досега се реализирале, но и за другите проекти кои ќе бидат реализирани во идниот период во партнерство и добра соработка помеѓу ЕУ и општината.
Жбогар и градоначалникот Љата го посетија Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, чии простории се реконструирани со пари на ЕУ, како и патот за Бањиште и патеката покрај Дебарско Езеро.