Еуростандард банка ја мерка зградата на „Фиком“

Сагата со зградите на „Фиком“ во општина Кисела Вода се чини нема крај. „Макфакс“ дојде до налог за извршување врз недвижност од надлежен извршител, со кој Еуростандард банка на мала врата преку земјиштето сака да стане сопственик на зградата „Антигона 1“.

Според нотарскиот договор склучен во 2005 година меѓу Еуростандард банка и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Фиком“ ДОО од Скопје, под хипотека во 2005 година е ставен објектот што бил во градба во првата фаза за популарно наречената зграда „Антигона 1“, што значи дека како залог е ставена идната градба.

Според увидот во нотарскиот акт, во моментот кога е запишана хипотеката, наместо сопствениците на земјиштето, како должник се потпишал управителот на „Фиком“, Никола Николиќ, кој во 2015 година се обеси во затворот.

Иако Николиќ го приватизирал земјиштето, сепак тоа не е ставено под хипотека, туку само идниот објект кога ќе биде изграден.

Врховниот суд во судска постапка иницирана од оштетените граѓани застана на страната на Еуростандард банка, па иако во оваа постапка било употребено полномоштво по смртта на давателот на полномоштвото и иако се однесува на овластување за друга катастарска парцела, а не за онаа на која се гради зградата, Еуростандард банка тргна во присилно извршување на оваа зграда преку извршител.

На земјиштето на кое се гради оваа зграда не е заснованата хипотека, но и покрај тоа, извршителот дал налог за извршување. Во хипотеката се опфатени земјиштето и објектите што се запишани во имотниот лист, а кои не постојат, односно се срушени во 2003 година кога зградата почнала да се гради.

Ставајќи го земјиштето под залог, со измените на Закнот за извршувањето од 2018 година, банката може да ја земе и зградата.

Поранешната aдвокатка на оштетените, Лорија Ваневска, која и самата е оштетена во оваа афера, за „Макфакс“ вели:

„Некој се обидува на мала врата, користејќи ги измените во Законот за извршувањето, да ја реализира оваа во многу нешта спорна хипотека. Провериме во Катастарот на недвижностите и утврдивме дека во текот на 2011 година (најверојатно, во моментот кога е правен новиот катастар) во имотните листови, каде што воопшто не е ни запишан објектот што се гради, е направена промена, па, така, од првичното запишување на заложното право врз објект – идна недвижност, сега како залог фигурира, и тоа без никаква основа, и земјиштето на кое лежи зградата. За тоа кој и кога направил ваков упис без основа, очекуваме објаснување од Агенцијата за катастар – секторот за внатрешна контрола, каде што поднесовме официјална претставка“, вели Ваневска.

Таа очекува извршителот што постапува во овој предмет да објасни како го врзал извршувањето на земјиштето, кога тоа не му е предмет на залог, во нотарскиот акт по кој извршува. Поднесени се и претставки до Министерството за правда и до Комората на извршителите.

„Се надеваме дека надлежните инситутции овој пат ќе бидат на висината на задачата и ќе го спречат ова извршување, кое, според нас, е во целот незаконито“, вели Ваневска.

Случајот „Фиком“, кој тежи над 10 милиони евра, медиумите го открија во 2006 година кога десетици граѓани тврдеа дека нивните станови биле продадени уште на неколку лица. Сопружниците Николиќ, кои беа сопственици на „Фиком“, измамија десетици луѓе ветувајќи им евтини и модерни станови речиси во центарот на Скопје.

Со одлука на стечаен управник од 2007 година „Фиком“ отиде во стечај, па уште тогаш измамените граѓани ја обвинија банката дека хипотеките што ги има над зградите на „Фиком“ се фиктивни. 42-годишниот Николиќ за измами беше осуден на затворска казна во траење од над 25 години, но тој беше пронајден обесен во затворот во Штип.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Се бара помош за опожарените станови во Кисела Вода

Мери Јордановска

Се разгледуваат уште две алтернативни локации за преселба на центарот за зависници во Кисела Вода

Ана Ололовска

ВИДЕО: Пожарот изгоре сè, ѝ остана само една кеса во рацете

Мери Јордановска

Темелковски на протест со жителите на Кисела Вода за дислокација на Центарот за зависници

„Улици“ скинале кабел, пола Кисела Вода без струја

ВИДЕО: Гори стан во Кисела Вода, има заглавени станари во зградата

Ана Ололовска