Тричлена комисија на УНЕСКО престојува во работна посета на Македонија и на Охрид, со цел да направат увид во спроведените активности на терен и да дадат оценка колку се почитуваат нивните препораки за обемот на градежните зафати и нивното влијание врз животната средина и културното наследство.
Експертите на УНЕСКО денеска имаа средба со раководството на НУ „Национален парк – Галичица“, каде се запознаа со активностите на установата, пред се развојните планови што ги предвидува Владата за изградба на поголемите инфраструктурни проекти, како магистралниот пат „А3“ Охрид – Свети Наум, ски-центарот на Галичица и туристичко-развојните зони „Љубаништа“, „Отешево“ и „Стење“.
Инспекторите на УНЕСКО не дадоа изјава по средбата, додека директорот на Националниот парк „Галичица“ Зоран Вељаноски појасни дека било дискутирано исклучиво за преземените активности за измена на Планот за управување со Националниот парк.
– Досега се реализирани 17 точки од Планот за управување, додека за останатите ќе се почека на извештајот од мисијата на УНЕСКО, рече тој.
Измените на Планот за управување со Националниот парк се одвиваат веќе четири години, на барање на Владата. Стратегиската оценка за влијанието на инфраструктурните проекти врз животната средина се изготвува во соработка со Европската банка за обнова и развој, како и реномираната англиска фирма „Цитрус“.
– Сите забелешки што ќе ни бидат доставени од страна на мониторинг-мисијата на УНЕСКО ќе бидат внесени во измените на Планот за управување со Националниот парк, рече Вељаноски, притоа забележувајќи дека се работи за проекти што се во насока на туристички и економски развој на Охрид.
Експертите на УНЕСКО во рамки на посетата на Охрид ќе имаат средби и со раководството на „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“, со посета на Античкиот театар, Плаошник, Света Богодорица Перивлепта, Галеријата на икони, Света Софија и објекти на кои се преземени конзерваторски активности. Според работната агенда, тие е предвидено да се сретнат и со градоначалникот на Охрид и со претставници на невладините организации чии активности се насочени кон заштита на природното богатство и културното наследство.