Екологисти: Проектите на брегот на Охридското Езеро ќе нанесат штета на природните живеалишта

Од:

Еколошките здруженија на граѓани „Фронт 21/42” и ,,Еко-свест’’ иницираа жалба пред Постојаниот комитет на Бернска конвенција во Стразбург поради сомневањето дека планираните развојни проекти на брегот на Охридското Езеро и во Националниот парк „Галичица” ќе нанесат штета на повеќе од 260 заштитени видови со Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта.

Еколозите се на мислење дека односните проекти ќе значат пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани, потоа уништување на природниот брег и сечење на еден од последните појаси на трската кај Лагадин заради изградба на медитеранска плажа со бетонска платформа, уништување на строго заштитените извори кај Свети Наум заради изградба на огромен туристички комплекс, како и уништување на 830 хектари заштитено подрачје и голем број на живеалишта во Националниот парк „Галичица” заради изградба на магистрален пат, ски-центар со голем хотел и викенд населба.

– Во светот има само 35 подрачја кои се прогласени за природно и за културно светско наследство. На листата покрај Охрид се наоѓаат и легентарните Мачу Пукчу и Ибица, како и древниот град на Маите – Калакмул во Мексико. Комитетот за светско наследство при УНЕСКО во јули годинава ја изрази својата загриженост во однос на планираните проекти. Беше истакната и можноста во 2017-та година, Охридскиот регион да се најде на Листата на светско наследство во опасност. Имајќи предвид дека Охридско Езеро и Галичица се дел од Емералд мрежата на Македонија (кои по влез во Еворпската Унија ќе бидат дел од НАТУРА2000 мрежата), а со планираните инфраструктурни проекти се загрозуваат над 260 строго заштитени видови со анексите на Бернската конвенција денес ја инициравме оваа жалбена постапка пред Постојаниот комитет на Бернска Конвенција, изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Оценката на еколозите е дека доколку се спроведат планираните проекти Македонија нема да може да ги исполни обврските од Конвенцијата.

– Сметаме дека во заштитено подрачје треба да се направат напори да се спроведат проекти кои се одржливи и не ја загрозуваат изворноста на подрачјето. Примерот со експресниот пат како единствено решение за решавање на сообраќајот е јасен показател дека не биле разгледани други алтернативи. Во соработка со професорот Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, „Еко-свест“ изготви решение за Смарт Охрид кое комплетно го решава проблемот со метежот, бучавата и загадувањето, а воедно носи придобивки за локалното население и општината, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Здружението „Фронт 21/42“ во јули годинава ја иницираше кампањата „Едно е! Вредно е! Да го зачуваме нашето единствено УНЕСКО подрачје – Охридскиот регион!”. Водечки цели на кампањата се целосна имплементација на Законот за управување со светското природно културно наследство во Охридскиот регион на УНЕСКО и стопирање на овие штетни проекти.

Што се однесува на „Бернската конвенција“ тие потсетуваат дека таа претставува обврзувачки меѓународен договор во областа на заштитата на природата што Република Македонија го има усвоено во 1998 година.

Би можело да ве интересира

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност