Загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, посочува новиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест.
Емисиите на сулфур диоксид остануваат најголем проблем кога станува збор електраните на јаглен. Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија,
Емисиите на прашина (ПМ честички) исто така остануваат сериозен проблем. Со 3684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.
Директивата за големи согорувачки капацитети – ЕУ Директива за намалување на емисиите на опасни супстанци, која што е пренесена и во македонското законодавство како дел од предпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската зедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Сепак, како што покажува извештајот, во 2020 година емисиите и панатаму се на опасно високи нивоа, повеќе пати над дозволеното.
Во трите години откако Директивата стана задолжителна за имплементација во земјите од регионот, електраните во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово редовно емитуваат шест и повеќе пати повеќе сулфур диоксид отколку што е дозволено. Како резултат на ова, од 2018 до 2020 година, се проценува дека само од електраните на јаглен од Западен Балкан се предизвикани околу 19000 предвремени смртни случаи. Скоро 12000 од овие се предизвикани заради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски.
РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
„Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, искоментира Невена Смилевска од Еко-свест.
„Северна Македонија официјално има план за престанок на употребата на јаглен и ова е пример што треба да следат земјите од регионот. Но, работите мора да се одвиваат побрзо за да се овозможи максимална заштита на здравјето на луѓето“, изјави Давор Пехчевски, Координатор за аерозагадување за Балканот во CEE Bankwatch Network. „Мора интензивно да се инвестира во енергетска ефикасност, како и во сончева и ветерна енергија, за да може што побрзо да се случува планираната енергетска транзиција.“
„Секако, овој процес мора да е по принципите на праведна транзиција, каде што работниците и заедниците што зависат од работата на електраните на јаглен нема да бидат заборавени. Мора веднаш да се започне со изработка на планови за оваа транзиција со сите релевантни страни, особено со најзасегнатите заедници“, дополни на крај Невена Смилевска.