ЕК: Северна Македонија треба да работи на целосно усогласување со европското законодавство за слобода на медиумите

Од:

Правната рамка што ги регулира медиумите во Северна Македонија не е целосно усогласена со европското законодавство, особено со Европскиот закон за слобода на медиумите, се наведува во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на европскиот пат за 2024 година во делот кој се однесува на медиумите и медиумските слободи.

– Северна Македонија е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка за слободата на изразување и има ограничен напредок во оваа област, се оценува во Извештајот.

Еврокомисијата наведува дека иако со измените на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, усвоени јули 2023 година, беа укинати дискреционите права на Владата во доделувањето средства за радиодифузниот сектор, таа сепак продолжи да издвојува средства во намален обем.

– Владиното рекламирање во комерцијалните медиуми беше повторно вратено во февруари 2024 година, со што се зголеми ризикот од потенцијална злоупотреба на политичките фондови, се загрози независноста на медиумите и се наруши пазарот, се додава во текстот, при што се нагласува дека ваквата постапка наиде на критики од страна на регулаторот за медиуми и медиумските организации.

Дополнително се додава и дека Собранието повторно не успеа да именува нови членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

– Изменети се и законите за медиуми и Изборниот законик. Сепак, овие измени не беа сеопфатни и повеќе значајни прашања остануваат нерешени, се наведува во Извештајот.

Комисијата посочува дека нејзините препораки поврзани со медиумите од ланскиот Извештај за напредокот биле само делумно спроведени и остануваат да важат и оваа година.

– Во наредната година, земјата треба особено да продолжи да ја ревидира правната рамка што ги регулира медиумите за да ја усогласи со законодавството на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност за сопственоста на медиумите и за рекламирањето, конкуренцијата и државната помош, како и за правата на интелектуална сопственост, во согласност со единствениот пазар на ЕУ, се посочува во документот.

ЕК, исто така, препорачува земјата да ја спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да ги именува Програмскиот совет на македонската радиотелевизија и Советот на АВМУ, како и да продолжи „навремено да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“.

– Во 2023 година Министерството за внатрешни работи евидентира седум случаи на напади врз новинари и отвори истраги за нив. Здружението на новинари на Македонија регистрираше пет инциденти поврзани со новинари. Од нив, три се однесуваат на нефизички закани и вознемирувања, а две се закани по животот и физичката безбедност на новинарите, се наведува во текстот.

Во Извештајот се посочува и дека во македонските судови лани биле покренати 19 тужби за клевета против новинари, што претставува намалување во споредба со 2022 година, како и шест т.н. „стратешки тужби против учество на јавноста“ (СЛАПП), при што се нагласува дека во земјата не постои механизам за поддршка и заштита на новинарите и заштитниците на човековите права од ваквите тенденциозни тужби.

Би можело да ве интересира

Ден на слободата на медумите – македонските новинари со потпросечни плати и се уште изложени на закани и напади

А1он

Гутереш по повод Светскиот ден на слободата на медиумите: Без слобода на печатот, нема демократски општества

Соопштени победниците на Наградите за слобода на печатот за 2021 година

А1он

Пендаровски: Без слободни медиуми нема објективни и проверени информации

Демократски Сојуз: Фонд за критички медиуми и истражувачко новинарство

ССНМ: Слободни новинари, слободно општество