Спогодбата за стабилизација и асоцијација (САА) со ЕУ, потпишана во 2001 година, ја поставува рамката за односите на Северна Македонија со Унијата и вклучува политички, економски и технички дијалози. Во текот на извештајниот период експертите се состанале во седум Поткомитети и една Специјална група. Комитетот за стабилизација и асоцијација, пак, се одржа во јуни 2021 година со фокус на разговорите на одлуката за отворање на пристапните преговори и постигнатиот напредок во унапредувањето на реформите, особено во областите на основите и зајакнувањето на добрососедските односи, нотира најновиот Извештај на ЕК за земјава.
Воедно, Извештајот, објавен минатата недела во Стразбур, го посочува и фактот дека Северна Македонија е земја кандидат од 2005 година, со последователни препораки од Европската комисија за отворање на пристапните преговори од 2009 година, како и дека на 26 март 2020 година, Европскиот совет ја одобри одлуката на Советот за отворање на пристапните преговори со земјата.
Во делот на визната либерализација, се наведува дека укинувањето на визите за граѓаните на Северна Македонија кои патуваат во Шенген зоната е во сила од декември 2009 година, а Договорот за реадмисија е во сила од 2008 година. Во Четвртиот извештај на Комисијата од август 2020 година според механизмот за суспензија на визите се заклучува дека Северна Македонија продолжува да ги исполнува одредниците за визна либерализација.
Северна Македонија, се посочува, продолжи да ја зголемува својата усогласеност со позициите и декларациите на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и активно учествува во мисиите и операциите на Унијата за управување со кризи во рамките на заедничката безбедносна и одбранбена политика
Во однос на билатералната поддршка на ЕУ за Северна Македонија во рамките на Инструментот за претпристапна помош II (ИПА II) во 2014-2020 година изнесува 633 милиони евра или 104 отсто од средствата доделени со ревидираниот Стратешки документ за земјата. Неговата имплементација напредуваше врз основа на секторскиот пристап и инклузивно програмирање. Како одговор на пандемијата Ковид-19, 4 милиони евра се рефокусирани за итна медицинска опрема и 62 милиони евра за социо-економски мерки за закрепнување. Конкретно, наградата за успешност од 50 милиони евра во 2020 година беше пренасочена кон одговор на здравствените потреби, за ублажување на економските и социјалните ефекти од кризата и за поддршка на земјата во нејзините напори за интеграција во ЕУ. Како дел од поширокиот одговор на Ковид-19, ЕУ исто така стави на располагање шема за макрофинансиска помош од 160 милиони евра, која е целосно исплатена.
Комисијата издвои 70 милиони евра грантови од ИПА II за партнерите од Западен Балкан за да им надомести на земјите-членки за препродажбата на дозите што ги добиле во рамките на Договорите на ЕУ за набавка на вакцини пртотив Ковид-19 со производителите на вакцини, од кои Северна Македонија доби 8,2 милиони евра . Првите вакцини обезбедени во рамките на овој грант беа вкупно 651.000 дози Фајзер за регионот, од кои речиси 120.000 за Северна Македонија, беа испорачани од Австрија, помеѓу мај и август 2021 година. Со дополнителни донации од земјите-членки на ЕУ вкупно обезбедени дози од тимот Европа достигна речиси 350 000 до почетокот на октомври.
– ИПА II продолжи да и помага на земјата да ги постигне клучните реформи, вклучително и во областа на владеење на правото, управување со јавните финансии, економско управување и јавна администрација. Граѓанското општество и приватниот сектор имаат придобивки од важната поддршка на ЕУ што обезбедува можности за раст и развој во поволна средина. Северна Македонија, исто така, има корист од посветената поддршка на ЕУ за заштита на животната средина и зајакнување на поврзаноста со транспортните системи на ЕУ, стои во Извештајот.
При тоа се додава дека продолжува поддршката за земјата во рамките на програмите за повеќе земји и регионални ИПА, како и со учествувото во пет програми за прекугранична соработка и во една програма за транснационална соработка. ЕУ, исто така, го поддржува учеството на земјата во 12 програми на Унијата со 40,3 милиони евра.
Со Регулативата ИПА III за финансискиот период 2021-2027 година ќе продолжи обезбедувањето финансиска поддршка за регионот и исто така ќе се финансира и Економскиот инвестициски план (ЕИП) за Западен Балкан кој тежи девет милијарди евра .
– ЕИП, придружена со Зелената агенда за Западен Балкан, беше договорена од Комисијата и земјите од регионот во октомври 2020 година и има за цел да го поттикне долгорочното економско закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција и да поттикне регионална интеграција и конвергенција со Европската Унија, се наведува во Извештајот на ЕК за реформскиот напредок на земјата.