EK го поздрави формирањето на Комисијата за настаните од 24. декември

Од:

Европската комисија ја поздрави веста дека конечно е постигнат договор за составот на Комисијата за истрага на настаните од 24. декември. Петер Стано, портпарол на комесарот за проширување на Европската унија, во изјава за МИА потврди дека во ЕК со задоволство е примена информацијата дека власта и опозицијата постигнале договор за Комисијата.

– Создавањето и резултатите на оваа Комисија се суштински елемент на политичкиот договор од 1 март кој стави крај на политичката криза по настаните од 24-ти декември. Се надеваме дека ова ќе го отвори патот за спроведување на други важни елементи од тој договор, вели Стано во изјавата за дописникот на МИА.

Гласноговорникот на Филе и ЕК вели дека сега се очекува Комисијата за истрага на ланските собраниски настани да работи експресно и заклучоците и наодите да бидат обелоденети во блиска иднина.

– Не треба да се губи повеќе време, ја пренесува Стано, пораката на еврокомесарот Филе.

Како што е познато, неформирањето на Комисијата за истрага беше еден од клучните аргументи со кои се очекуваше да настапи грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Авромопулос на последниот состанок на Советот за општи работи (ГАК), што ќе се одржи на 25-ти овој месец, три дена пред клучниот Самит на Европскиот совет на кој се очекува Македонија по пет едноподруго позитивни извештаи и препораки од Европската комисија, конечно да добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата.

Под изговор дека со неуспехот да се формира Комисијата е доведен во прашање демократскиот капацитет во Македонија, Грците кои четири години ставаат вето во ЕУ на почеток на преговорите за членство на нашата држава, се очекуваше ова да им биде најсилен аргумент за нова блокада.

Поради тоа, комесарот Филе и други европски официјални лица постојано повторуваа изминатиот период дека е многу важно да се формира составот што ќе ги испита настаните во и околу македонското Собрание на 24-ти декември минатата година, со цел да се разбијат силните аргументи на нашиот јужен сосед.

Но, поради тоа што одлуките за отворање на пристапните преговори за една земја-кандидат се носат со консензус од сите 27 земји-членки на ЕУ, и покрај тоа што е формирана Комисијата, не треба да изненади и без никаков аргумент, Грција повторно да не блокира на ГАК-от, а потоа и на Самитот на Советот.

Ова, во последно време во високи кругови на Унијата е се почеста забелешка, со тоа што известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Ричард Ховит, побара од Европската комисија да престане да дава препораки за нашата земја ако добиеме уште едно грчко вето, од причина што на тој начин и Комисијата и Унијата губат од авторитетот.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови