ЕК: Генералната клима поволна за слободата на медиумите во С. Македонија, неповолните услови во кои работат новинарите ги прават ранливи на самоцензура

Од:

Умерено подготвена во областа на медиумите, е оценката за Северна Македонија во годинешниот извештај на Европската комисија за напредокот што земјава го остварила на патот на евроинтрациите. ЕК забележува одреден напредок, генералниот контекст е оценет како поволен во однос на слободата на медиумите и нотирано е дека тој овозможува критичко медиумско известување, иако во оваа насока се забележани одредени тензии во Ковид-19 кризата.

ЕК во делот посветен на Поглавјето 23, кое се однесува на судството и основните права го разработува прашањето за слободата на изразување и нагласува дека е потребна саморегулација, во оваа насока бара конкретни резултати, а укажува и на потребата од зголемување на професионалните новинарски стандарди.

Властите и оваа година добија препорака за зголемување на напорите за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис, обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост. ЕК повторно со забелешки поради одложување на назначувањето на членови во Програмскиот совет на јавниот сервис, како и во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги.

ЕК нотира дека ковид-кризата предизвика и силно економско влијание во медиумскиот сектор и додава дека медиумите биле вклучени во пакетот за помош, но со критика за работничките права на новинарите и медиумските работници и препорака дека тие треба да бидат соодветно адресирани.

Повеќето од минатогодишните препораки на ЕК остануваат валидни, а за годината што претстои Северна Македонија треба да се насочи на:

-Ревидирање на правната рамка во областа на медиумите, согласно ЕУ акито и европските стандарди особено во насока на продолжување на напорите за хармонизација на националното законодство со ревидираната европска директива и аудиовизуелниот медиумски сервис.

-Вложување на потребните напори за имплементација на стратегија за реформирање на јавниот сервис и финализирање на назначувањата во Програмскиот совет на јавниот сервис и во Советот во АВМУ.

-Воведување пристап на нула толеранција во однос на заплашувања, закани и акти на насилство врз новинари во нивното извршување на професијата, како и изведување пред судовите на извршителите на вакви дела.

ЕК во извештајот посветен на медиумската сфера наведува дека лани имало десет случаи на заплашување на новинари, кои биле пријавени во Министерството за внатрешни работи додека, Здружението на новинари на Македонија регистрирало два физички напада и 12 различни форми на вербални живото-загрозувачки закани и заплашувања. На почетокот на оваа година биле регистрирани еден еден физички напад и една смртна закана.

Надлежните ги следеле случаите, но ЕК забележува дека е потребна подобра координација меѓу различните институции и побрза реакција за пријавените случаи на насилства, како и ставање крај на неказнивоста на сторителите, нагласувајќи дека само мал број од извршителите на физички напади против новинари се изведени пред суд.

Споменати се предложените измени во Кривичниот законик, со кои новинарите и медиумски работници се вклучуваат во категоријата службени лица, за кои е потребна дополнителна заштита, кога се изложени на напади и закани поради природата на нивната професија.

ЕК наведува дека националните и меѓународните медиумски асоцијации забележуваат зголемување на заканите од политичарите и носителите на функции, онлајн вознемирување и вербални напади врз новинари, вклучувајќи ги тука и социјалните мрежи.

Европската Комисија оваа година повторно се осврнува на реформите во јавниот сервис и забележува оти тие се одложуваат, а потребно е да бидат означени како приоритет.

-Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски сулуги, износот за финансирањето на јавниот сервис е дефиниран како процент од државниот буџет, со постепено зголемување (на 0,8 отсто во 2019, на 0,9 отсто во 2020 еден процент во 2021).  Поради дискрециските права на властите предвидени со Законот, трансферот на средства продолжи да се извршува по пониска стапка. Во декември 2020 година Владата ја намали месечната рата за 50 отсто, што доведе до целосен буџет за 2020 година од 13,1 милион евра. Анализите на регулаторниот пазар објавени во септември 2020 година покажуваат постојано намалување на финансирањето на јавниот сервис во изминатите години (буџетот во 2015 година беше 20,9 милиони). Јавниот сервис усвои петгодишна стратегија во блиска консултација со медиумските асоцијации. Значително намалување на финансирањето ја попречува успешната имплементација на стратегијата и влијае на квалитетот на работењето, нагласува ЕК во извештајот и додава дека не се пронајдени ниту решенија за старите долгови на јавниот сервис кон државните институции.

ЕК се осврнува и на финансиската состојба воопшто на медиумскиот сектор, при што забележува дека ковид-кризата влијаела, Владата презела сет мерки, но финансиската одржливост на медиумите и начинот на нивно финансирање во моментот е причина за загриженост за интегритетот и независноста на медиумите.

Дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство, препорачува ЕК и потсетува дека во јануари Централниот регистар поставил рок од 90 дена за регистрација на податоците во „Регистарот на вистински сопственици“, со што дополнително се обезбедила транспарентност во сопственоста на правните лица, вклучително и медиумите.

Во документот се наведува дека рекламирањето на Владата на комерцијалните канали е забрането, но се истакнува дека медиумските здруженија изразилеа загриженост за можната измена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да се овозможат кампањи од јавен интерес финансирани од државата.

ЕК наведува дека во земјава постојат пет дневни весници, вклучително и два на албански јазик и потсетува дека во 2020 година, властите издвоиле 500.000 евра за поддршка на печатените медиуми.

Во однос на интернет просторот и онлајн медиумите ЕК нагласува дека е усвоен системот на саморегулација, но но оти нема конкретно следење на процесот. Го споменува Регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk), со кој се поставуваат минимални професионални стандарди за онлајн медиумите. Регистерот, според податоците од септември, вклучува 152 онлајн медиуми.

Се забележува дека се потребни дополнителни напори за решавање на прашања поврзани со дезинформациите и говорот на омраза, вклучувајќи ја и Интернет сферата.

Во однос на условите за работа ЕК нагласува дека Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници дејствува во таа насока, има дијалог со Владата, кој треба да биде поредовен и подобро структуиран со цел да се адресираат предизивиците со кои се соочува медиумската сфера.

ЕК нагласува дека е потребно подобрување на условите во кои работат новинарите, нивните работнички и социјални права, особено на локално ниво.

Во извештајот се наведува истражувањето на ССНМ, според кое, 23 отсто од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, а 19 отсто одговориле дека менаџментот во медиумот не им дозволува на работниците да формираат синдикат.

-Ниските примања, како и непочитувањето на Законот за работни односи од страна на работодавачите се најчестите и постојани предизвици за новинарите. Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници се ранливи на самоцензура, се наведува во извештајот на ЕК во однос на состојбата со медиумите во земјава.

Би можело да ве интересира

ЕК: Напредок во однос на трансплантациите, заостанување во финансирањето за ретки болести

Горан Наумовски

Извештај на ЕК: Културното наследство на Македонија не е доволно заштитено

ЕК: Северна Македонија умерено подготвена во делот на земјоделството и руралниот развој

Извештај на ЕК: Постигнат напредок во економската и монетарната политика

Македонија треба да работи на владеење на правото и борба против корупцијата порачува германската амбасадорка

Катерина Ѓуровски

Кузеска: Изветајот на ЕК потврди дека покрај опструкциите на ДПМНЕ прогрес имаме во 81% од поглавјата