Денеска, во рамките на кампусот на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет се одржа настан, односно тест-околина „Електричен полигон“ кој е дел од глобалниот настан „Европска недела на мобилноста“.
На овој настан учествуваа 50-тина осмоодделенци од основните училишта „Вера Циривири-Трена“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“. Претставник од невладината организација во едукативната сесија на учениците им објаснуваше како работат електричните возила, какви типови постојат, кое е нивното значење за животната средина, т.е. дека продуцираат помалку CO2.
Тој им потенцираше дека електричните возила не ја загадуваат почвата и водата бидејќи не користат масла за подмачкување и не прават бучава. Учениците потоа се возеа со електричните возила кои беа достапни на полигонот-паркинг на кампусот, како и на електрични велосипеди и електрични скутери.
Електричниот полигон е пречек за „Тесла конвојот 2014“ чиј предводник ќе биде електричното возило „Тесла модел С“, возило кое ќе биде на кампусот на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет во 15.30 часот.
Конвојот првично тргна од Загреб, преку Белград и Ниш, во Македонија ќе остане три дена, за на крај преку Косово, Албанија и Црна Гора и потворно назад до Загреб. Овој настан е на иницијатива на невладината организација „Електромобилност Македонија“ во соработка со Машинскиот и Електротехничкиот факултет, како и со Секторот за заштита на животната средина и природата при Град Скопје и Секторот за заштита на животната средина и природата при Општина Карпош, учениците од општина Карпош и со ЈП „Градски паркинг“.
Инаку, во рамките на неделата на мобилност, особено на 22 септември 2014 година, општина Карпош ќе се приклучи во одбележувањето на овој ден со учество во велосипедски крос низ улиците на град Скопје, при што дел од администрацијата ќе возат велосипеди како алтернативно превозно средство.