Едно лице го загуби животот денеска во сообраќајната несреќа што се случи попладнето на патот Прилеп- Мажучиште, на излезот од градот кај Институтот за тутун.
Според Гордана Николовска Димеска, лекар во Службата за итна помош во Прилеп, повик за интервенција добиле нешто по 15 часот.
– Две екипи од Итната медицинска помош интервенираа на повикот нешто по 15 часот за сообраќајна несреќа. На лице место констатиравме дека едно лице починало по здобиени тешки повреди на самото место на несреќата во патничко возило „лада самара“, изјави Николовска Димеска.
Увид на местото на несреќата каде се судриле возило „Лада самара“ и „Мерцедес“ направија полицијата и јавен обвинител од прилепското Основно јавно обвинителство.
Според првичните информации од Службата за итна медицинска помош во сообраќајката животот го загуби 46-годишниот З.Ј. од селото Сарандиново, општина Долнени. Обдукцијата ќе треба да ги утврди причините за смртта.
Сообраќајот на патот Прилеп- Мажучиште беше во прекин околу еден час.