Иако официјално Комитетот за имунизација нема препорака за вакцинација на деца од 5 до 12 години против Ковид – 19, владиниот портпарол Душко Арсовски денес извести дека единствен услов за вакцинирање на децата со оваа вакцина е да дојдат со родител или старател. Нарачаните вакцини се од производителот „Фајзер“, кои ќе стигнат заедно со уште 40.000 дози од оваа вакцина за возрасни лица.
На новинарско прашање дали Комитетот за имунизација дал препорака за вакцинирање деца, портпаролот Арсовски одговори дека ги следат препораките од Светската здравствена организација.
„Комитетот за имунизација и натаму ќе ги следи сите препораки на СЗО и ќе се води според овие препораки како и досега. 10.000 дози од оваа педијатриска вакцина се иницијална количина, што не значи дека ако има интерес нема да се набават дополнителни дози. Вакцинацијата е важно да се укаже дека се одвива без закажан термин, единствен услов за вакцинација на малолетните лица е задолжително да дојдат со родител или старател. Важно е граѓаните да знаат дека и со оваа одлука вакцини за Коивид – 19 ќе има доволно, нема приоритизираање според возраста или хронични заболувања или критична инфраструктура“, рече портпаролот Арсовски.
Владата на вчерашната седница ја усвои информацијата за набавка на вакцини против КОВИД-19 за 2022 година, според која е утврдена потребата од набавка на 500.000 дози на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“, во кои ќе бидат вклучени и педијатриските дози во количина од 1 отсто од вкупниот број деца во земјава на возраст од 5 до 12 години, односно околу 10.000 дози.
Согласно информацијата, дозите за возрасните треба да почнат да се испорачуваат од месец мај, а педијатриските дози во првото тромесечје на 2022 година, а вкупната количина треба да се испорача до декември 2022 година.