Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување со акција за извлекување четири лица зафатени од свлечиште ја завршија тридневната обука и вежба на Републичките сили за заштита и спасување и Тимовите за брз одговор.
На вежбата која се одржа во Маврово месноста „камп“ беше тестирано Упатството за постапка и делување со преземање на заштитни мерки за справување со Ковид-19 на Републичките сили за заштита и спасување, Тимовите за брз одговор и Просторните сили за заштита и спасување за време на нивно ангажирање во услови на мир и вонредна состојба, обука, тренинг и вежби.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски рече дека ова е прва во низа од планираните вежбовни активности на ДЗС каде што тимовите ќе ги проверат вештините и способности.
– Се работи за една комплексна вежба каде што републичките сили за заштита и спасување ќе ги покажат своите способности и ќе направиме вежбовни активности за да можат да се видат евентуални аномалии во делот на заштитата и спасување. Една од работите е и проверка на материјално-техничките средства кои ги има ДЗС во случај на катастрофи во услови на пандемија, изјави за МИА директорот Џафероски.
Тој посочи дека изминатите три години Дирекцијата формирала тимови за заштита и спасување, набавила професионална опрема и изврши обука за справување со несреќи и делување во вонредна состојба на припадниците на тимовите. Во вежбата беа вклучени тимови од Битола за спасување од планина, од Пробиштип за спасување од рударски несреќи и рударски гасови, од Тетово спасување од планина, од Прилеп спасување од јами и од Велес тим за спасување од вода.
На тридневната вежба беа тестирани човечките и материјално техничките средства во повеќе сценарија: начин на пловидба и спасување на давеник, спасување на планина, спасување од јами, изработка на жичарница и техники на спасување на планина и вода. За оваа наменана брегот на Мавровското езеро беше направен камп со петнасетина шатори во кој престојуваа учесниците на вежбата.
На последниот ден беше изведена вежбата со комплексно сценарио во кое беа сублимирани тридневните вежби. Во неа беа вклучени и членови на општинската организација на Црвен крст Гостивар.
Дирекцијата за заштита и спасување е членка на Механизмот за Цивилна заштита на Европската Унија и во изминатите месеци активно учествуваше во примање и испраќање на меѓународна помош во борбата против Ковид 19. ДЗС има потпишано билатерални договори помеѓу државите од регионот и над 20 меморандуми за соработка со домашни и меѓународни институции од областа на заштитата и спасувањето.