Џафери: Се отвора патот за соработка со Обединетите Арапски Емирати

Од:

Односите меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати можат да се оценат како одлични. Имаме потенцијал за соработка од политички, од економски, од социјален, од културен, од сите аспекти и препорака е тоа да се интензивира. Парламентите се ослободени од премногу процедури и затоа е полесно да се воспостави таа парламентарна соработка и да отвори пат за другите институции, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој престојува во официјална посета на ОАЕ.

Оваа посета, додава тој, се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Обединетите Арапски Емирати, но за жал во овој период не се дало на значење на соработката на највисоко ниво меѓу двете држави, иако односите можат да се оценат како одлични.

– Мојата посета е прва на ова ниво на парламенти и мислам дека ова е отворање на патот на другите институции и да разменат соодветни посети, рече Џафери.

Од комуникацијата со Парламентот, како што нагласи, разликата е огромна по начинот на функционирање на институцијата и по начинот како се станува член на Федералниот национален совет на ОАЕ.

– За разлика од кај нас овде општествениот живот не е организиран со политички партии, туку од 1981 година кога се обединиле седумте емирати се одлучиле на беспартиски систем на функционирање. Од 40-те пратеници, 20 се бираат на слободни избори, додека 20 се определуваат од емирите. 50 отсто се жени, 50 отсто се мажи. Парламентарната сесија почнува со седумте емири, кои ја отвораат годишната сесија и започнува функционирањето на Парламентот, вели Џафери.

Она, што треба да го имаме во предвид, истакнува тој, е поинаквиот начин на живот и воспоставеноста на односите меѓу граѓаните кои живеат во Обединетите Арапски Емирати.

– Овде живеат преку 200 етнички заедници и сите живеат во хармонија и ги имаат своите права. Има доста ресурси кои ги користат, а младите кои отишле надвор да се школуваат ги вратиле назад и ги ставиле во функција на државните институции и економските капацитети, додаде Џафери.

Претседателот на Собранието вели дека претставници на нашата извршна власт односно Владата треба да соработуваат со овдешните претставници и да разменат искуства со нив.

– Без оглед на начинот на организација на работа на парламентите, тие имаат многу основи по кои можат да работат, и по групите за пријателство и по соодветните комисии кои ги формираат. Парламентите можат да соработуваат билатерално, можат да соработуваат мултилатерлано. Впрочем, во Мадрид ќе имаме прилика да се видиме и мултилатерално, па таму ако имаме потреба од взаемна поддршка за нашето членување во Интерпарламентарната унија, таму каде што има потреба за поддршка можеме да соработуваме и да размениме поддршка со соодветната институција, рече Џафери.

Инаку, Џафери денеска во Дубаи го посети Павилјонот на Република Северна Македонија на „Дубаи Експо 2020“, простор каде се претставени уникатните убавини и обележја на нашата земја и којшто од 1 октомври кога беше отворен досега го посетиле околу 50.000 посетители. Во периодот од 1 октомври 2021 година до 31 март 2022 година, Република Северна Македонија е претставена на ЕКСПО 2020 во Дубаи, со слоганот „Дом на секој чекор”, а под мотото „Нови можности”.

– Мислам дека соодветно е претставена нашата особеност како држава. Имаме можност да се претставиме на светско ниво имајќи предвид што преку 190 држави се претставени на Дубаи Експо, добра работа е направена со присуството овде и со оваа пракса треба да се продолжи, рече Џафери.

Бекри Ајдини, генерален комесар за Република Северна Македонија на Дубаи Експо 2020, информира дека земјата со сопствен павилјон се презентира како успешна приказна, земја со богато историско и културно наследство, каде во хармонија живеат различни етнички заедници. Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, што нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна. Посебен акцент е ставен на презентирањето на земјата како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка. Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл.

Република Северна Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22 февруари 2022 година, кога во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.

Џафери и собраниската делегација ги посетија и павилјоните на Обединетите Арапски Емирати и на Саудиска Арабија.

Во рамки на првата официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот на Собранието беше пречекан и имаше билатерална средба со неговиот домаќин спикерот на Федералното национално собрание Сагар Ал Гобаш. Во собраниската делегација која беше предводена од Џафери се и претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив, пратеникот Хусни Исмаили, и пратениците Дарко Каевски и Бедри Фазли. Во парламентот во Абу Даби тие имаа средба со нивните колеги од Комисијата за соработка со парламентите од европските земји од Федералниот национален совет.

Ова е прва официјална посета на претседател на Собранието на ОАЕ, која се совпаѓа со 25 – годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, како и со одбележувањето на 50-годишнината од основањето на државата што се празнува на 2 декември.

Би можело да ве интересира

Џафери: Избори кои ќе го одредат правецот на земјата

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Џафери не може да ме разреши сам, средба со него во овој момент е излишна

Орце Костов

Џафери: Владата има обврска да спроведува закони, затоа ги усогласивме коефициентите за плата

Орце Костов

Џафери: Прописите се јасни за ограничувањата за функционерите при користење ресурси

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов

Џафери: Законот е јасен дека треба да има врзан потпис