Една од темелните функции на секој парламент, покрај законодавната е и надзорната функција. Не сакам да давам оценки за другите држави во регионот, меѓутоа токму надзорната функција на парламентот, барем кај нас, ја нема онаа димензија што ја имаат парламентите во високоразвиените демократски држави, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, во рамки на Регионалната конференција на Мрежата на парламентарни комисии за економија, финансии и евроинтеграција на Западен Балкан.
„Оваа надзорна улога е особено важна кога станува збор за буџетот бидејќи тој се полни пред сè од граѓаните, а ние сме пратеници избрани во парламентот токму од граѓаните. Наша законска, но и демократска обврска е да вршиме транспарентен надзор на тоа како се трошат народните пари, и дали преку буџетот се задоволуваат интересите и потребите на граѓаните, сфатено во најширока смисла на зборот, и дали со буџетот се обезбедува стабилна сегашност и развојна иднина. Верувам дека во претстојните два дена вие ќе дадете конкретни одговори и насоки на сите овие прашања и дилеми. А се надевам и дека тие одговори и насоки нема да останат само на хартија туку веќе во текот на усвојувањето на буџетите во националните парламенти, а посебно во нивната реализација, ќе бидат и практично имплементирани“, истакна Џафери.
Тема на конференцијата на која се обрати Џафери беше „Парламентите од Западен Балкан и буџетскиот надзор“. Организатор на настанот е Мрежата на парламентарните комисии за економија, финансии и евроинтеграции на Западен Балкан, поддржана од Вестминстер фондацијата за демократија и Светската банка. Мрежата вклучува 25 комисии од парламентите на Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Косово и Србија.