Џафери – Брегу: Регионалната соработка клучна за евроинтеграцијата на земјите од регионот

Од:

Регионалната соработка е клучна компонента за евроинтеграцијата на земјите од ЈИЕ. Потребни се видливи резултати на овој план, што е битен предуслов за стабилноста и просперитетот на регионот, оцениле на денешната средба претседателот на македонското Собрание Талат Џафери и новиот генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брeгу, која е во посета на Република Македонија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери потенцирал дека високо ја цени улогата на Советот за регионална соработка, како „оперативна рака“ на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), нагласувајќи дека Собранието на Република Македонија е активен учесник во Парламентарното собрание на ПСЈИЕ и претседавач со Генералната комисија за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка.

Претседателот на македонското Собрание се осврнал и на состојбата во земјата и регионот, како и на неопходноста за унапредување на добрососедските односи и соработка, при што како пример ги навел договорите што Македонија ги постигна со Бугарија и Грција.

Генералниот секретар Мајлинда Брегу, како што се посочува, изразила задоволство што нејзината посета се реализира во одличен политички момент за земјата и за регионот. Таа упатила честитки за усвојувањето на уставните амандмани и Законот за употреба на јазиците, изразувајќи надеж дека во најскоро време Договорот од Преспа ќе биде ратификуван и во грчкиот Парламент.

-Брегу нагласи дека во фокусот на активностите на РСС се мобилноста, конкурентноста, поврзаноста и владеењето на правото во земјите од ЈИЕ. Во врска со ова, таа информираше дека во моментов во Скопје во тек е втората рунда преговори за заедничко признавање на дел од дипломите меѓу земјите од Западен Балкан, што се очекува да резултира со Спогодба, со која ќе се обезбедат еднакви услови за прифаќање на професионалните квалификации и непречено движење на професионалците од регионот, се наведува во соопштението.

Генералниот секретар на РСС го истакнала значењето на поврзаноста на регионот и потребата за интегрирање на економиите во единствен пазар и нагласила дека Советот е подготвен да им помогне на земјите од ЈИЕ во процесот на европска интеграција.

Би можело да ве интересира

Ковачевски: Доаѓа ново време, со работа почнуваме веднаш

Избрана е новата Влада

Катерина Павлова-Николовска

Пешевска: Најодговорните министри за сите криминали повторно се во Владата

Сајкоски: Предложената влада е лош експеримент на Заев

Каевски: Лицемерието на Левица не поминува ниту во Собранието, ниту кај граѓаните

Георгиевска: Од каде го црпеше Мицкоски легитимитетот кога се обидуваше да стане мандатар, а не беше ни на пратеничките листи