Во земјава, но и во светски рамки, смртноста од Ковид-19 е многу поголема кај мажите отколку кај жените. Според податоците од Институтот за јавно здравје што ги побара „А1он“, произлегува дека кај мажите смртноста што настанала како последица на коронавирусот е речиси двојно повисока.
Во последнава година во Македонија, како последица на Ковид-19 починале 3.340 луѓе. Од нив, 2.094 се мажи, а 1.246 се жени.
Во секоја држава е различно, но сепак, забележлива е тенденцијата на повисока смртност од Ковид-19 кај мажите, за што веќе се правени повеќе истражувања. Податоците собрани од повеќе од 20 држави од страна на иницијативата за истражување „Global Health 50/50“ покажале дека жените се заразуваат од вирусот речиси исто како и мажите. Но, мажите почесто заболуваат од тешки форми на Ковид-19. Според студијата, како еден од факторите за ова е на пример, дека мажите страдаат многу почесто од кардиоваскуларни болести, нешто што се смета како сериозен коморбидитет кој може да доведе до смртност како последица на Ковид-19.
Освен тоа, се смета дека имунолошкиот систем кај жените е поотпорен од оној на мажите. Главната причина за ова, според истражувањето, е женскиот полов хормон естроген, кој го стимулира имунолошкиот систем и затоа делува побрзо и поагресивно против патогените микроорганизми.
Во земјава во моментов има 11.457 активни случаи на Ковид-19. Од статистиката што ни беше дадена од Институтот за јавно здравје, најголем процент од заразените, 3.119 се лица над 60 години.
По околу 2 илјади заразени лица од коронавирусот се оние од возрасните групи од 30-39 години, 40-49 години и од 50-59 години.
Најмалку заразени, 1.392 има кај возрасната група од 20-29 години и кај малолетниците.