Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска се обрати на трибината посветена на неделата за подигнување на свеста за ракот на грлото на матката во организација на Здружението „Борка – за секој нов ден“.
„Денеска ја одбележуваме неделата за подигнување на свеста за ракот на матката. Оваа година не оставивме да биде на одбележување затоа што 2019 година навистина интензивно работевме на унапредување на Програмата во рамки на Министерството за здравство за превенција од оваа болест. Во рамките на Програмата се испраќаат покани, во три возрасни групи кај пациентите ширум државата и се прават редовни скрининзи. Се анализираат резултатите и рано се интервенира доколку се најде некоја неправилност, во смисла на првична промена на делот на цервиксот на матката, што е исклучително битно затоа што доколку оваа болест се најде во рана фаза може да се спречи напредокот, односно да се спречи понатамошниот степен на малигнизација“, рече министерот Филипче.
Во изјавата за медиуми, министерот Филипче потенцираше дека има четиривалентна вакцина која што е влезена во редовниот Календар за вакцинација.
„Морам да потенцирам дека имаме и четривалентна вакцина која што е влезена во редовниот календар за вакцинација. Таа вакцина штити од најчестите предизвикувачи на ракот на грлото на матката, но но и на некои бенигни промени како што се кондиломите. Опфатот со вакцинација од оваа вакција е нешто над 50%. Сакам да кажам уште еден новитет, кој што сега како пилот проект, во рамки на активноста на гинеколошко-акушерската клиника ќе се спроведува, а тоа е тестирање од ХПВ вирусот. Заради тоа што, прво тоа значи дека доколку се направи тој вирус се ослободи жената за редовни скрининзи следните пет години, да немора секоја трета да оди, и доколку се детектира да се постапи согласно европските протоколи“, рече министерот Филипче.
Претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“ Биба Додева изјави во однос на 2009 година, денеска бројката на новодијагностицирани со рак на грло на матката е двојно намалена.
„Веќе единаесетта година, „Борка“ ја одбележува Европската недела за подигнување на свеста за ракот на грло на матка. Она коешто ние сакаме да го потенцираме како Здружение и еден од чинителите за подобрување на здравствениот систем во нашата држава е дека овој рак е превентабилен, односно жените можат да го препознаат како предракови состојби ЦИН 1 и ЦИН 2. Има вакцина, има скрининг програми и апелот наш е да се искористат сите оние програми за да може тој да се детектира во рана фаза кадешто лекувањето е успешно. Исто така, би сакала да потенцирам дека после 11 години се гледа напредокот во тоа што ние како Здружение заедно со релеватните институции и Владата го правиме. Односно, доколку во 2009 година бројот на новодијагностицирани изнесуваше над 500 нови случаи од рак на грло на матката, сега таа бројка е некаде над 200тини. Скоро за половина се намалени дијагностицираните“, потенцираше претседателката на Борка, Додева.
Претседателот на Македонското Здружение за Цервикална Патологија, доц. д-р Горан Димитров рече дека од почетокот на 21 век има вакцина против причинителот на ракот, а тоа е хумано-папилома вирус (ХПВ).
„Ракот на грлото на матката е една од најпревентабилните видови на ракови кај човекот, затоа што веќе од почетокот на 21 век имаме вакцина против причинителот на ракот, тоа е хумано-папилома вирус. Се повеќе и повеќе се усовршуваат методи на откривање рано коишто ги надминуваат оние кои што биле откриени во 30тите и 40тите години на 20тиот век. Постепено, папаниколау тестот оди во историјата. Тој бил некогаш триумф, меѓутоа сега почнува да станува трагедија и во САД од 3 карциноми кои што ќе бидат откриени, два се резултат на тоа што ПАП-от бил погрешен, фактички бил лажно негативен. 21виот век е век на ХПВ тестирањето како примарно, фактички да се види кои од жените се заразени од онкогени типови на вируси и на база на вирусот да им се направи дијагностичка постапка и тој рано да се открие и подобро е да се спречи, отколку да се лечи“, истакна д-р Димитров.